Македонија
28. September 2025 - 16:41

Идеологија, солидарност или пари – што ги тера да се борат македонците во Украина и Русија?

Речиси три и пол години трае војната меѓу Русија и Украина, а на фронтовите веќе одамна не се борат само Руси и Украинци. Илјадници странски војници,одлучија да влезат во крвавата пресметка, секој со своја причина, некои од идеологија, други од солидарност, а трети едноставно за пари.

Но колку македонски државјани навистина се бореле или сè уште се борат таму? Нашата држава нема информации.

-Министерството за надворешни работи не располага со податоци за тоа колку македонски државјани учествуваат во вооружениот конфликт меѓу Украина и Русија. Изминатиот период, по барање на семејството, министерството посредуваше за враќање на еден македонски државјанин од територија на Руската федерација.

Но дека има македонци кои се борат на фронтовите, докажува судската пресуда за Љупчо Бојчевски кој е осуден на четири години затвор бидејќи се борел на руската страна. Тој е единствениот македонец осуден за учество во оваа војна, на 13 мај, а сега веќе ја издржува казната во затворот Идризово.

На пресудата кажа дека се кае за стореното, се пријавил преку телеграм, а според неговата адвокатка на фронтот отишол поради егзистенцијални причини, бидејќи се грижел за неговата болна мајка, а договорот ако се бори за Русија ветувал 3.000 евра месечно.

Русија нуди поволни услови за за странци да се борат на нејзина страна, па дури и државјанство велат експертите, затоа граѓани од други земји одлучуваат да влезат во крвавиот конфликт.

“Има лица кои ги прифаќаат, дали на аеродром или железничка, отаму ги носат во министерството за одбрана, таму се вршат прегледи и тие одат на обука, па се регрутираат во редовните воени сили. Поголемиот дел од нив, дури добиваат и државјанство, добиваат и имоти таму”. изјави Љубомир Ѓурчевски, безбедносен експерт.

Иако договорот на Бојчевски му гарантирал една година служба, неговата авантура завршила по само три месеци. Здравствените проблеми го принудиле да се врати сам.

Но со него се вратил уште еден македонец со кој заедно се бореле на фронтот. За него нема информации зошто отишол да се бори за Русија, бидејќи по некое време полицијата го пронашла мртов во стан во Скопје.

Полицијата поднесе кривична пријава и за уште едно лице регрутирано преку телеграм што заминало во Москва да биде распореден на фронтот за 3.000 евра да се бори во војната. Но тој по 6 дена се вратил во Македонија и беше уапсен.

Но додека има некакви оскудни информации, за тројца македонци што се бореле за руската страна, за Украина нема ниту еден официјален податок. Единствените се од руското министерство за одбрана од лани, според кои 90 македонци се бореле на украинската страна, од кои 30 загинале.

Овие бројки ја отвораат дилемата- што ги тера македонските државјани да заминат во еден ваков крвав конфликт кој не е нивен? Дали пресудна е пропагандата од двете страни? Дали некои одат од идеолошки убедувања или пак парите се мотивот?

“Едноставно пред се и над се се различни, прво може да биде од егзистенцијални причини, поточно од различни финансиски побуди, меѓутоа имаме и алтруистички, имаме и некакви посебни причини поради кои заминуваат, меѓутоа не верувам дека сето тоа би било од патриотски или блиски како народ или блиски со тој народ за да се помагаат, тоа мислам дека замина со социјализмот. Сега дефинитивно заминуваат од одредени интереси”.- изјави Злате Димовски, безбедносен експерт.

Според податоците кои ги добивме од Министерството за внатрешни работи:

Во Македонија од 2012 година има околу 150 повратници од воени жаришта кои претежно се од Сирија и Ирак. Регистрирани се и тројца борци како повратници од воедниот конфликт меѓу Украина и Русија.

Учество во странска војска е кривично дело од 2014 година за кое казната затвор е најмалку четири години.

 

Оваа содржина е изработена во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.