Македонија
3. August 2021 - 19:59

Хорор сцени по вчерашниот голем пожар во Кочани

Апокалиптична слика во кочанско Белско Маало - местото каде што вчера беснееше големиот шумски пожар кој стигна и до куќите. Во текот на денот пожарникарите ги гаснеа и последните жаришта на ридот кај населбата за да се осигураат дека нема повторно да дојде до пожар. Во пожарот настрадаа кровните конструкции на две куќи кои беа зафатени од огнената стихија.

 Освен првите куќи, настрадаа и неколку фарми, бавчи, стари хаварисани возила, трактор, како и стока и добиток. Жителите на Бело Маало сведочат дека ситуацијата вчера била хаотична. Доброволци помагале на противпожарните служби и било вистинска среќа што во пожарот нема надтрадани и не е причинета поголема материјална штета.

Советниците во општина на вонредна седница издвоија 2 милиони денари за санирање на двата крова. Градоначалникот на Кочани, Илиев, за Сител рече дека се прават напори да се соберат дополнителни средства за да се обештетат и останатите жители кои претрпеа штети.

Градот со повеќе од 30.000 жители го штитат само 15 пожарникари кои поседуваат само 7 возила, од кои едното настрада во вчерашниот пожар. Илиев е свесен за недостатокот на кадар.

Опозицијата бара одговорност од надлежните, а бараат и оставка од првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Иако Кочани повеќе не е во опасност, пожарникарите цел ден мака мачат за да го локализираат огнот кај селото Костиндол.