Свет
30. December 2015 - 8:23

Григори Квирикашвили - нов премиер на Грузија

Грузискиот парламент го назначи синоќа Григори Квирикашвили на функцијата премиер на државата и поддржа негов состав на владата.

За назначувањето на Квирикашвили и владата гласаа 86 од 114 пратеници. Против гласаа 28 пратеници.

Претходниот премиер Иракли Гарибашвили неочекувано поднесе оставка на 23 декември без да посочи конкретно за причината за одлуката. Аналитичари и политичари од опозицијата сметаат дека оставката е поврзана со падот на популарноста на владејачката партија.

Квирикашвили е роден во 1967 година и најголем дел од кариерата поминал во финансискиот и банкарскиот сектор. Беше министер за економија во 2012 година, а од јули 2013 година беше и вицепремиер. Во говор пред пратениците тој најави продолжување на политиката на зближување со Западот и подобрување на односите со Русија.