Македонија
5. јуни 2025 - 12:18

Голем дефект на прилепскиот хидросистем го остави полето без вода

Огромен дефект на прилепскиот хидросистем, односно на кракот од мрежата т.н. „Лева падина“ веќе месец дена им предизвикува проблеми на земјоделците од овој крајј кои сега се во фаза на засадување на одредени култури, особено на тутунот. Велат дека никој не им кажува кога ќе биде поправен дефектот, а доколку продолжело жешкото време, без вода штетите ќе биделе огромни. 

„Долго време се занимаваме со тутун, многу луѓе живеат од него, ова што се случува со водата е катастрофа. Ако сега не насадат луѓето тутун што ќе предаваат во зима? Ни круши ни тутун нема да има“, вели Ристе Велјаноски, тутунопроизводител.

„Тутунот е насаден, половина се суши, вода нема воопшто, тутунот е изгорен и кој ќе им плати сега на луѓето. Прилепско поле доаѓа само да ни ги земи парите. Јави се на телефон, ага сега ќе биде, од Скопје чекаме, утре ќе се поправи и само не лажат“, додаде Зора Колеска, тутунопроизводител.

Најголем дел од овие земјоделци живеат само од тутунопроизводство.

„Јас сум 3 членови дома живеам исклучиво од тутунот, друго немам за да се прехранам. Друго немам. Вода нема моментално, засега насадив 3 декари, а имам уште 9 декари за садење“, рече Димко Митрески, тутунопроизводител.

„Луѓето сите работат тука за да извадат некој денар за да си ја прехранат фамилијата. Но со ваквиот начин на работа на „Прилепско поле“ нема никој да извадиме ништо“, додаде Рубин Иваноски, тутунопроизводител.

Според извршниот директор на А.Д. Водостопанство на Македонија, Филип Филипоски, тие веќе  започнале со  активности на отстранување на дефектот, но проблемот бил доста сложен и чекале специјализирана фирма за да може да ги заменат цевките кои пукнале во моментот кога низ нив за прв пат годинава била пуштена вода. Кога ќе биде саниран дефектот не можеше со сигурност да каже.