Македонија
27. November 2025 - 16:37

Ѓорѓиевски: Целосно нормализирање на процесите со Комунална хигиена на пролет

Целосно нормализирање на процесите во Комунална хигиена скопскиот градоначалник очекува дури на пролет. Почната е постапка со Министерство за транспорт и Владата за набавка на 20 нови камиони. Кажа дека наскоро ќе се распише и тендерот за нив кој ќе тежи 4 милиони евра, но не прецизираше конкретен датум. 

„Кога влегов во Град Скопје имаше само 16 комунални возила, на 10 општини, на илјадници микролокации. Сега има 50. Камионите нема утре да дојдат тоа е постапка. Ќе треба и рок да се испорачаат сите тие. Но, целосно нормализирање на процесите во Комунална хигиена ќе имаме на пролет“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.

Ѓорѓиевски вели дека не се вработиле нови лица, откако отпушти 500 во градските претпријатија, за кои тврди дека земале плата, а не работеле. Градоначалникот додаде дека правни тимови работеле на тоа парите кои овие лица ги земале во изминатиот период, повторно да бидат вратени во градската каса.

„Не се вработуваат нови лица. Докажавме дека сме функционални и без тие околу 500 луѓе кои вршеле злоупотреба на системот. Не отстапувам од тоа да некој којшто земал пари, наши од граѓаните на Скопје, а не одел на работа да си одговара за тоа и парите да ги врати назад. Има ангажирано сериозни правни тимови кои работат на таа проблематика. Јас ќе се потрудам и ќе дадам се од себе, парите на граѓаните да бидат пратени назад во буџетот“, додаде скопскиот градоначалник.

Откако стапи на сила забраната за фрлање ѓубре од 22 часот навечер до 6 часот наутро, казнети биле мал број на лица. Бидејќи станува збор за нов закон, инспекторите им дозволуваат на граѓаните да поминат само со опомени. 

Во меѓувреме, по три години застој денеска во Град Скопје се собраа сите градоналници, каде се одржа првата седница на Координативното тело. На седницата се дебатираше за актуелните проблеми од дивоградби, финансиски потешкотии, јавен превоз и изградба на нови капитални проекти.