Македонија
11. јуни 2025 - 11:36

Герасимовски: Зелениот регистар е гаранција за зачувување на урбаното зеленило

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека секој граѓанин, јавно и без никакво најавување, може да има целосен увид во Зелениот регистар преку ГИС платформата на Општината.

„Секое дрво е важно. Создаваме општина во која секој граѓанин има пристап до податоци за состојбата на зеленилото. Воведуваме поголема контрола и транспарентност во урбаното планирање,“ изјави Герасимовски.

Досега се регистрирани над 10.000 дрвја, од кои 8.000 се листопадни и 2.000 зимзелени. Секое е мапирано со фотографија, состојба и латинско име. Најзастапени видови се липа, јавор, костен и јасен.

„Зелениот катастар ни овозможува реална слика за тоа што го имаме и што ни недостига. Тоа е суштинска алатка за долгорочна заштита на зеленилото,“ додаде градоначалникот.

Покрај Зелениот регистар, преку ГИС платформата се достапни и други услуги – електронски упис на првачиња, увид во урбанистички планови и јавни површини. Општина Центар е првата општина која го воведе ГИС системот и од тогаш континуирано работи за надградба и усовршување на оваа дигитална технологија, се со цел поголема транспарентност пред граѓаните, побрз пристап до информации, подобро управување со истите и поголема ефикасност во оперативното работење на секторите.

Општина Центар