Г-7: „Маратонското“ ракување на Трамп со Брижит Макрон привлече внимание | ВИДЕО

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит Макрон му посакаа добредојде на Доналд Трамп на Г-7 самитот, а средбата овојпат беше обележана со необичното ракување на американскиот претседател.
За време на неговото пристигнување на Самитот во Евијан, Трамп накусо се ракуваше со Макрон, по што следеше поздравот со Брижит… И, ракувањето со неа траеше околу 13 секунди. Тоа, според некој набљудувачи, се опишува како невообичаено долг, напнат, и „болно непријатeн“ поздрав, пренесува „Е-тајмс (ETimes)“. Според присутните, се чини, и г-н и г-ѓа Макрон имаа таков впечаток.
Гестот доаѓа по претходните тензии, кога Трамп јавно коментираше за бракот на Макрон за време на ескалацијата на односите меѓу двете страни. Зборувајќи на приватен настан во април, имено, каде што ја критикуваше Франција за, како што рече – недоволната поддршка за САД во Иран, Трамп рече и дека Брижит се однесува „екстремно лошо“ кон Емануел. Францускиот претседател подоцна одговори, велејќи дека таквите коментари „не се елегантни и не се на ниво на дипломатска комуникација“.
Трамп и Макрон имаат долга историја на незгодни и честопати напнати ракувања за време на нивните состаноци. И нивната прва средба во Брисел во 2017 година беше обележана со долго и цврсто ракување, што многумина уште тогаш го опишуваа како ран знак за нивната натамошна политичка динамика.
Во годините потоа, односот на двајцата лидери се менуваше меѓу блискоста и несогласувањето. Макрон го угости Трамп на прославата на Денот на Бастилја во Париз, со гала-вечера во Ајфеловата кула, додека американскиот претседател подоцна го пречека својот француски колега како почесен гостин на државна вечера во Белата куќа. До крајот на првиот мандат на Трамп, односите меѓу нив двајца се влошија, а тоа продолжи особено поради несогласувањата околу царините, Украина и Иран.
Последното ракување со Брижит Макрон, опишано од некои набљудувачи како „влечење јаже“, дополнително го привлече вниманието кон долгогодишните комплексни односи меѓу американскиот и францускиот претседател.
МИА
Ново на Сител
-

Предложен притвор за лицето што вчера намерно ги опожари возилата на Бугарската амбасада во Скопје
-

Ангелов: Претпоставувам пожарите кај Штип се подметнати, МВР истражува
-

Кремљ: Во последниот разговор со Трамп, Путин не разговарал за средба со Зеленски
-

Граѓаните одлучуваат дали ќе даруваат орган или не, има можност и да се промени одлуката во секое време - усвоени измени во Законот
-

Трамп: Израел мора да биде „поодговорен“ во однос на војната во Либан
-

Сиљановска-Давкова: Западен Балкан е понапред од Украина и Молдавија, позитивен е обидот за ограничување на вето во ЕУ
-

ЦУК: До 18 часот евидентирани 14 пожари на отворено од кои активни се пет
-

Приведени 15 возачи за безобѕирно управување возило, сите возеле без возачка и меѓу нив тројца малолетници
