Фехми Стафа: „10 години ќе лежам, ама нема да лажам дека парите се за Ѓоко“
Адвокатот Фехми Стафа, кој претходно призна дека зел пари за да влијае кај судијата Ѓоко Ристов и доби 15 месеци затвор, денеска во судницата тврдеше дека ништо од тоа што признал не е точно. Стафа сведочеше по барање на одраната на апелацискиот судија, тврдејќи дека признанието го дал под притисок на истражителите и обвинителката.
20те илјади евра кои биле пронајдени кај него при апсењето, рече дека биле легитимен адвокатски хонорар, а не поткуп.
„Кога ме однесоа на распит во обвинителството, во првиот разговор со обвинителката Искра, таа бараше да кажам дека парите треба да завршат кај судијата Ѓоко Ристов, а ми гарантираше и дека нема да имам проблем и ќе си одам дома. Јас тоа не го прифатив, и реков, Јас 10 години ќе лежам во затвор, ама нема да лажам дека парите се за Ѓоко“, кажа во судницата осудениот Стафа.
Обвинителката вели дека исказот на Стафа, не бил единствен доказ. Предметот содржел и снимени разговори, материјални и електронски докази.
„Ова е сведок кој е всушност обвинет и веќе осуден правосилно во постапка која директно е поврзана токму со овој предмет и судењето против обвинетиот Ѓоко Ристов. Обвинителството, а во овој предмет особено исказите на секој од сведоците ги поткрепуваше и тоа како со материјални, вербални и најважно од се, електронски докази – директен говор меѓу инволвираните лица, сите во оваа постапка вклучително и Фехми Стафа и Љупчо Пецов и сите останати“, изјави Искра Хаџи-Василева, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Адвокатот на обвинетиот судија пак вели дека наводните докази за кои говори обвинителката, никогаш не биле презентирани во судницата.
„Тие материјални докази никаде не се прикажани и ќе мораме да и веруваме на збор на обвинителката како што и верувам во овој предмет дека има коруптивни дејствија ама ниту еден предмет од каде е примен поткуп за судијата Ѓоко Ристов“, изјави Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на Ѓоко Ристов.
Одбраната на Ристов бара да сведочи и Љупчо Пецов – Ѓаволот кој неодамна призна вина и беше условно осуден, ама не знаат дали ќе дојде да сведочи. Од обвинителството пак велат дека условна казна за Пецов е заради неговата соработка во случајот против судијата Ристов.
„Тоа е легитимна тактика и техника која органите на истрагата и обвинителското работење мора да го применува, од проста причина што организираниот криминал и корупцијата секогаш бараат нужна соработка со сведоци со пријавители“, вели Хаџи-Василева.
Апелацискиот судија е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот откако во јануари во куќата на неговите родители на катот кој тој го користел беа пронајдени соѕидани 350 илјади евра.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
