Македонија
30. December 2020 - 12:30

Евротинк: Mакедонските граѓани со силна поддршка за членство во ЕУ

Граѓаните имаат најголема доверба во Армијата, 63 отсто, по што следат полицијата  и религиозните заедници со по 43 отсто. Најниска е довербата во судството – 14 проценти, обвинителството – 14 отсто и Државната комисија за спречување на корупција – 16 проценти, покажуваат наодите од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР спроведено од Евротинк – Центарот за европски стратегии во периодот од 10 до 21 декември годинава.

На денешната презентација на истражувањето беше истакнато дека најголемиот дел од граѓаните остануваат силни поддржувачи на Европската унија. Се зголемува процентот на граѓани кои сметаат дека членството во ЕУ „добра работа“ (67,3 отсто). Две третини или 65,9 отсто од граѓаните и „корисна работа“(70 отсто). Две третини или 65,9 отсто од граѓаните би гласале позитивно на референдум за влез во ЕУ, зголемени се и очекувањата за влез во ЕУ.

Магдалена Лембовска од Евротинк истакна дека околу прашањето кои се главните причини за поддршката за влез во ЕУ, анкетираните граѓаните ги истакнале подобриот животен стандард, намалувањето на невработеноста, поголемата демократија, полесниот пристап до работа во странство и поголемата сигурност за државата.

Пролонгирањето на почетокот не преговорите со ЕУ, според истражувањето, силно влијаело врз перцепциите и имиџот на ЕУ кај македонските граѓани. Дури 59,2 отсто (30,3 отсто лани) сметаат дека односот на ЕУ кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки. Двојно се намалил процентот на граѓани кои мислат дека односот на ЕУ кон Македонија е фер, пријателски и коректен, односно 21,2 проценти годинава наспроти 42,9 проценти во 2019 година. Триесет и седум проценти од граѓаните изјавиле дека во наредните пет години очекуваат нашата земја да влезе во ЕУ, за 26 проценти тоа би било во наредните 10 до 15 години, а 16 проценти сметаат дека тоа никогаш нема да се случи.

Една третина од граѓаните сметаат дека некоја држава е закана за Македонија. За најголем дел од нив тоа е Бугарија (77,88 проценти), три пати повеќе отколку есента 2019 година. За една четвртина од граѓаните, Македонија нема пријатели, додека најпозитивни се перцепциите за Србија, Германија, САД и Турција.

Граѓаните на Македонија се чувствуваат безбедно, пред се, во својата населба – 82 проценти, град/село – 76 проценти и во државата – 60 проценти. Главните безбедносни грижи се поврзани со криминал, здравство-Ковид-19, но и заради економски причини.

Во однос на перцепциите за приватноста, според истражувањето, 49 проценти и граѓаните сметаат дека тајните служби во нашата земја ги прислушуваат комуникациите на луѓето, кои ги сметаат за противници, додека 5 проценти изјавиле дека власта може да дознае како гласал секој граѓанин на изборите.

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавје 24“ спроведен од Евротинк – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект од Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград.