Еуроактив: Нема преговори меѓу Софија и Скопје, македонската влада сепак дава шанса на дијалогот
Македонската страна ќе остане отворена за дијалог со официјална Софија и покрај тоа што последните пораки од таму се дека нема шанси за нови директни разговори меѓу двете страни со цел забрзување на евроинтеграцискиот процес. Прашањето за тоа дали се можни нови средби меѓу двете Влади денеска го актуелизира порталот Еуроактив, во анализа „Софија му вели на Скопје да се држи до уставните измени“.
Повикувајки се на изјава на неименуван министер, во текстот се вели дека новата бугарска влада одбива да преговара со Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги почне преговрите за членство во Европката унија.
Иако не директно дека официјална Софија нема да влезе во преговори со Скопје, ваква позиција пред 4 дена најави и бугарскиот министер за надворешни Георгиев, коментирајќи дека условот бугарското малцинство да влезе во македонскиот Устав останува, а проблемот на Скопје не е со Софија, туку со Брисел.
„За нас, безбедноста и евроинтеграцијата на Западен Балкан е исклучително важна. Тоа е инвестиција во стабилноста на цела Европа и ние тоа го препознаваме како држава кога во 2018 година го почна, насочи и го забрза тој процес. Знаеме и се грижиме за своите национални интереси и интересите на целата Европска унија. Постигнатиот договор не е билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, туку меѓу Брисел и нашиот сосед С. Македонија“.
Македонската страна сепак, останува на ставот за дијалог.
„Жалиме што соседна Бугарија повторно се однесува во неевропски дух и вредности. Како влада сме подготвени да најдеме решение за проблемот и остануваме отворени за водење на дијалог“, се вели во реакцијата од Владата.
По формирањето на политичката влада на Жељасков, премиерот Мицкоски неколку пати изјави дека е подготвен да инцира средба со својот бугарски колега за македонските евроинтеграции. Останува и ставот за уставни измени што би стапиле во сила по влезот на Македонија во Унијата како гаранција дека нема да има нови блокади од Бугарија.
Од друга страна, и полскиот амабсадор во земјава најави дека во рамките на полското претседателство овој месец полскиот заменик министер за европски прашања ќе оди во Софија каде, како што рече, верува дека ќе ја искористи приликата да ги убеди партнерите во Бугарија дека треба да работат на компримис прифатлив за двете страни.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар