„Еурактив“: Косовска лекција не учи зошто на Газа и е треба нешто повеќе од протекторат
Водачите на ОВК кои ја презедоа власта во Приштина, набрзо сфатија дека статусот кво може да се промени само со вооружена борба. До 2001 година тие извезуваа насилство во областите населени со Албанци во Северна Македонија и јужна Србија, а до 2004 година спроведоа бран напади врз српските енклави во Косово.
Веќе нема време за двоумење околу потребата за запирање на ужасниот масакр на палестинското население и ослободувањето на израелските заложници, па затоа планот за Газа што го промовираше американскиот претседател Доналд Трамп мора да биде предмет на сериозно и итно разгледување, оценува бриселскиот портал „Еурактив“.
– Но, да бидеме јасни: Без да се понуди политичко решение за конфликтот, Патоказот претставен во Вашингтон во вторникот нема да донесе трајна стабилност во регионот, се наведува во анализата.
Во текстот се пренесува и изјавата на Трамп дека по обновата на Газа и доколку Палестинската самоуправа се реформира, „конечно може да се создадат услови за кредибилен пат кон палестинско самоопределување и државност“.
– Само неколку минути подоцна оваа идеја беше отфрлена од Бенјамин Нетанјаху. Оставајќи ги настрана мотивите на израелскиот премиер да биде против палестинското самоопределување, треба да се напомене дека условните ветувања генерално ги обврзуваат само оние кои се принудени да веруваат во нив, се наведува во текстот.
„Еурактив“ посочува дека сепак историјата „нуди отрезнувачки преседан“, посочувајќи на случајот со Косово.
– На 10 јуни 1999 година, со Резолуцијата 1244 на ОН беше одобрено распоредување на силите на НАТО во Косово, со што заврши војната меѓу албанските борци од ОВК и српските безбедносни сили. Но, таа исто така го потврди територијалниот интегритет на она што остана од Југославија, која тогаш ја сочинуваа Црна Гора и Србија, се посочува во написот.
Во него натаму се додава дека со Резолуцијата беше воспоставена привремена административна Мисија на ОН (УНМИК), со овластување да го надгледува полициското работење, правдата, здравството, образованието…, како и да создаде ефикасна структура на цивилна управа во она што се уште правно беше автономна покраина на Србија.
– На терен, српските трупи им го отстапија своето место на војниците на НАТО и десетици илјади меѓународни претставници се упатија во Приштина за да ја заменат белградската администрацијата. Тоа беше план предодреден да предизвика негодување: На Србија и беше одземен еден од нејзините региони, иако се уште беше признат нејзиниот суверенитет врз него, а Албанците беа ослободени од српската власт, но беа лишени од секаков законски пат кон независност, наведува „Еурактив“.
Според порталот, водачите на ОВК кои ја презедоа власта во Приштина, набрзо сфатија дека статусот кво може да се промени само со вооружена борба.
– До 2001 година тие извезуваа насилство во областите населени со Албанци во Северна Македонија и јужна Србија, а до 2004 година спроведоа бран напади врз српските енклави во Косово, се додава во анализата.
Авторот на текстот посочува дека Западот не сакаше понатамошна војна и се плашеше дека „балканското буре барут“ може повторно да експлодира, па затоа во Приштина на 17 февруари 2008 година беше прогласена еднострано независност на Косово.
Таа независност, се потсетува во анализата, набрзо беше призната од многу западни земји, но не и од Русија, а како и што се очекуваше ја отфрли и Србија, која и до ден-денес се држи до одредбите од Резолуцијата од 1999 година.
– Поентата овде не е да се преиспита легитимноста на признавањето на палестинска држава, ниту повторно да се отвори дебатата за независноста на Косово. Наместо тоа, станува збор за истакнување на веќе научена лекција: Меѓународните протекторати, кога не се засновани на јасни политички цели прифатени од сите страни и кога не се обврзани со строги временски ограничувања, никогаш не се цврста основа за мир, се заклучува во текстот на „Еурактив“.
МИА
Ново на Сител
-
Муртезани: Кај премиерот и Владата постои сериозна одлучност за надминување на спорот со Софија по изборите
-
Ѓорѓиевски: Нашата единствена опција е да одиме напред кон поврзаност, иновации и знаење
-
Над 100 лица уапсени во септември поради поседување на дрога
-
Министерство за образование на Србија: МВР изврши проверки во дел од училиштата, дојавите за бомби се лажни
-
79-годишен дедо од Велес е прво лице во земјава кое ќе издржува куќен затвор со електронска алка
-
Дожд, снег и ниски утрински темеператури
-
Кривична за членка на Судски совет - за патни трошоци го оштетила буџетот во износ од 291.040 денари
-
Претреси во Ѓорче, пронајдена поголема количина кокаин и марихуана