Македонија
30. September 2023 - 16:31

Етнолози и документаристи од повеќе држави во Кратово

Заштитата на материјалното и нематеријалното културно наследство е од исклучителна важност за етнологијата, антропологијата, културата и идентитетот на еден народ. Визуелната антропологија или документирање преку слика и тон е исто така важна дисциплина, која во истражувањето се користи од самиот почеток, но под друго име. Овие две теми ги обединија етнолозите и докуметаристите од повеќе земји на Меѓународниот симпозиум во Кратово.

- Од особена важност е да се појават такви текстови кои ќе ја покажат симбиозата на визуелнаата антрополигија во функција на културното наследство, без разлика дали е заштитено на највисок степен или само на државно ниво, тие двете се во постојана комуникација, изјави проф. д-р Мирјана Мичевска, ко-претседател на Македонското етнолошко друштво.

Во ерата на глобализацијата од круцијално значење е да се зачуваат различностите на поедини култури, смета младата документаристка од Мексико, Џесика Ортадо.

- Овој симпозиум за антрополози е значаен за заеднички да споделиме знаења, бидејќи секој антрополог или документарист истражува различни теми во Светот. Затоа сметам дека е многу важно да се разменат искуства, изјави Џесика Ортадо, документаристка од Мексико.

Претходните 3 дена во Музејот на Кратово се одржа меѓународниот фестивал на етнолошки документарен филм, на кој беа претставени 37 филмови од близу исто толку земји.

- Фестивалот во Кратово се повеќе се развива, добива на значење во светот на луѓето кои се занимаваат со визуелна антропологија и затоа луѓето се повеќе сакаат да дојдат во Кратово, изјави проф. д-р Владимир Боцев, претседател на „Етнолошки документарен филм - Кратово“.

Учесниците на двата настани имаа и можност да ги разгледаат убавините на една однајстарите градски населби на Балканот.