ЕСM: Цевководот под Беласица ќе биде поставен во наредните неколку месеци
Грејната сезона е на прагот, а цевките за парно на мостот Беласица се уште не се поставени. Речиси година и пол по опожарувањето на мостот, цевките наместо да се веќе монтирани, стојат наредени на тревата до Вардар. Од ЕСМ велат дека вложуваат сериозни напори да се обезбеди сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи.
„Заради исклучителната неспособност или незаинтересиранот на претходните раковотства на ЕСМ Дистрибуција на топлина и на АД ЕСМ, новите раководства и на двете компании се судрија со огромен предизвик пред почетокот на овогодишната грејна сезона, да превземат ургентни мерки за надминување на сите пречки што предизвикаа застој во поставување на цевководот. Цевководот ќе биде поставен во наредните неколку месеци и целосно подготвен за наредната грејна сезона. Дотогаш, испораката на топлинска енергија кон централниот дел од градот и понатаму како и во изминатата грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод „А“, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ ТО. На тој начин, и понатаму целосно ќе се задоволат потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури“, велат од ЕСМ за Сител.
Овој цевковод е важен за да може да се испорачува повеќе топлинска енергија од ТЕ-ТО која е значително поевтина отколку од топланите.
„Лани, ако прочитате во пресметките кои се дадени, пишува дека 30% од потребната енергија за ЕСМ Снабдување со топлина се обезбедени од когенеративната централа ТЕ ТО. Цената на таа енергија е 40% од регулираната цена што се произведува во котли“ – Константин Димитров, експерт по енергетика
Мостот беше запален во мај минатата година. За пожарот МВР поднесе кривична пријава против 37 годишен скопјанец за предизвикување општа опасност, кој пак, за друго дело веќе е во затвор.
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за поевтинување на парното и од 1-ви август цената за домаќинствата е намалена за 3,16% за корисниците на ЕСМ, а пониски сметки плаќаат и приклучените на топланата Скопје Север и ЕСМ Енергетика.
На парно во Скопје се греат околу 64 илјади домаќинства.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар