Бизнис
28. November 2023 - 21:15

Eксперти за антикризните мерки: Политички маркетинг, задоцнети и без ефект

Предизборен дедо мраз – вака експертската јавност го оценува најновиот пакет антикризни мерки објавени од владата. Велат, нивното времетрање еднакво на периодот за одржување на изборите е само маркетинг во корист на политиката. Економскиот експерт и поранешен советник во Министерство за финансии во владата на СДСМ, Бранимир Јовановиќ, вели, власта се расфрла со пари во надеж за гласови, ама пакетот антикризни мерки, може да има и спротивен ефект.

„Граѓаните не се толку наивни и кога имате ваква криза и сиромаштија, кога граѓаните веќе година и пол ви бараат поддршка и вие исто толку време одбивате тоа да го направите и сега одеднаш тоа го правите пред избори и се фалите дека конечно вие носите деветти пакет антикризни мерки, тоа може да ги револтира граѓаните и наместо да им донесе поени, да оди контра нив, зашто граѓаните се револтирани, очекуааат повеќе, а добиваат трошки и револтот се зголемува“, изјави Бранимир Јовановиќ, Економски експерт.

Наместо времени мерки, според Јовановиќ, владата треба да се фокусира на трајни решенија. Вели, неколкумесечната парична помош за пензионерите нема да го подобри нивниот стандард.

„Каснат со таа мерка. Пензионерите со месеци протестираат за тоа, а мерката ќе се однесува само на пет-шест месеци. Пензионерите и после тоа ќе имаат потешкотии да крпат крај со крај и затоа таа мерка, конкретно мора да трае подолго. Она што треба да се направи е овие мерки да станат структурни, да влезат во системските закони кои ги има за пензии, за социјална помош за помагање на студентите и сл, да ги зголемите сите тие издатоци што ги имате од буџетот, трајно, а не само привремено“, вели Јовановиќ.

Антикризните мерки кои експертската јавност ги оценува како задоцнети и недоволни, нема да имаат ниту долгорочен ефект. Граѓаните ќе имаат моментална придобивка, но по шест месеци, нивната економска моќ ќе остане иста, заклучуваат експертите.