Македонија
28. November 2021 - 12:25

Џафери: За спротивставување на дезинформациите и говорот на омраза треба промовирање на култура на толеранција и инклузија

Секогаш имајќи ја на ум исклучително значајната улога на парламентите во заштитата на слободата на изразување на интернет и промовирањето на различноста на ставовите, исто толку важно е и спротивставувањето кон дезинформациите и говорот на омраза и спречувањето на перцепцијата дека како политички естаблишмент, ја губиме врската со граѓаните. За тоа да се промени, потребно е да дадеме сопствен пример промовирајќи култура на толеранција, култура на инклузија и соработка околу суштинските прашања, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на Генералната дебата на 143. Собрание на ИПУ на тема „Современи предизвици за демократијата: Надминување на поделеноста и градење заедница“ .

– Потребно е глобализацијата, со сите нејзини недостатоци, првично да се промовира со сите нејзини предности, достапност и брзина, да ја свртиме во полза на враќањето на довербата на граѓаните во институциите и спречување на деструктивните потенцијали кои ја чекаат својата шанса. Затоа, да бидеме будни, да соработуваме тесно, да бидеме искрени и директни во нашето делување и функционирање, да бидеме вистински дом и чувар на демократијата и мирот во нашите земји, рече Џафери во своето обраќање.

Спикерот Џафери потенцираше дека и нашиот законодавен дом кој како и сите законодавни институции кои се домови на демократијата и местата каде се слуша гласот на народот, преточен во легитимитетот на нивните народни избраници, се соочува со сите современи предизвици во обидот за демократско функционирање.

– Почнувајќи од начинот на функционирање во услови наметнати од пандемијата со Ковид-19 и колку тоа ја намалува довербата на граѓаните во институцијата. Колку останува институцијата блиска до граѓаните со своето понекогаш импровизирано делување во таквите услови на рестрикции и протоколи и, колку се парламентите подготвени да се справат со тешкотиите кои ги носи денешницата? Дали сме доволно репрезентативни? Притоа не мислам само на политичката колоритност секако. Мислам на застапеноста на сите маргинализирани групи, недоволно застапените групи во општеството, жените, младите, аполитичните граѓани чија единствена цел е да имаат функционално општество, институции на услуга на граѓаните, институции кои можат да ја зајакнат довербата меѓу населението и да бидат блиски до граѓаните, со тоа што ќе градат култура на дијалог помеѓу поларизираните страни, со тоа што ќе промовираат креативен политички дискурс кој влева надеж и охрабрува конструктивна и меѓупартиска соработка, рече Џафери.

Тој истакна дека ситуацијата на терен, со постојаното ширење на вирусот изискува повторно стегање на мерките, враќање на протоколите а реакцијата на граѓаните на враќањето на неопходните рестрикции за кои сметале дека завршиле и се дел од минатото, го буди нивното незадоволство и ја вжештува нивната фрустрација. – Реакциите се со различни облици и димензии, меѓутоа тоа што надвладува е заситеноста од новите правила, новите обврски и ограничувања. И тука, добиваат простор сите дезинформации, сите деструктивни сили, посочи Џафери.

Да се биде дел од Интерпарламентарната унија, потенцираше спикерот Џафери, значи да се биде дел од заедничкиот напор во решавањето на современите предизвици на национално и на меѓународно ниво, со политичко лидерство и солидарност во наоѓање нови пристапи за заштита на демократијата.