Македонија
12. August 2024 - 16:35

Две прослави за 23 години од Охридскиот договор – Владата и ДУИ одвоено ќе чествуваат

На паралелни прослави ДУИ и ВРЕДИ ќе одбележуваат 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Вреди со настани во Влада и свечена Акдемија, а Ахмети на одвоен собир. И двете страни тврдат дека одбележувањето значи обединување на Албанците.

Според официјалната покана која стигна од министерството на животна средина и во која како организатор е наведен вицепремиерот Изет Меџити,прославата ќе започне со панел дискусии, а централната прослава ќе биде во Музејот за современа уметност. Свечена седница ќе се одржи и во влада на која ќе се обрати и премиерот Христијан Мицкоски.

Ако за прославата минатата година беа потрошени 100 илјади евра, за промотивните спотови се плаќаше и по 5000 евра, а за стихотворби на темата беа потрошени 5500 евра државни пари., годинава не биле спроведени јавни набавки, тврдат од владата.

Во однос на организацијата и  прашања поврзани со јавна набавка за организација на одбележувањето, ве известуваме дека не е спроведена јавна набавка, бидејќи се работи за компанија ангажирана од претходната влада, а станува збор за компанија во однос на техничка поддршка како што е бина, озвучување и/или видео-бим. Организацијата ја презема Генералниот секретаријат на Владата, велат од владината прес служба.

На ден пред оддржуавњето на паралелените настаните од власта обвинуваат дека интегративците на Ахмети не можат да прифатат дека се опозиција, па си прават приватни забави за да ги поделат граѓаните.

Поканата за официјалното одбележување стигнала и на адреса на ДУИ, но оттаму наместо заедничко одбележување испратија покани за нивна самостојна Академија за легитимитет утре напладне во еден скопски хотел...

Не одговорија ниту на обвинуањата на Таравари , но реагираат дека вицепремиерот и министер за односи со заедниците Иван Стоилковиќ го скратил буџетот за одбележувањето на Охридскиот договор.                    

Демократската унија за интеграција не може да стои со скрстени раце кога секојдневно се понижуваат Албанците и другите и кога се поништува секое достигнување во насока на еднаквоста. Затоа, го ангажиравме авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и неговиот тим во ПИЛПГ да изготват правна платформа за легитимност, велат од ДУИ.

Со охридскиот договор се стави крај на неколкумесечниот воен конфликт во 2001-та. Преговорите кои траеја скоро еден месец беа финализирани со ставање параф на договорот од страна на тогашниот претседател Борис Трајковски,претседателите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски, Имер Имери од ПДП и Арбен Џафери од ДПА.  Договорот беше постигнат со посредство на претставниците на ЕУ, Франсоа Леотар и Хавиер Солана и претставници на САД, Питер Фејт и Џејмс Пердју.