Македонија
29. April 2026 - 12:25

Доживотен затвор за „касапот од Штип“

Доживотна казна затвор за Денис Асанов или „касапот од Штип“ за убиството на неговата сосетка 79 годишната Борјанка Николова. Според утврденото, тој со умисла ѝ го одзел животот, откако претходно ја лишил од слобода и го сокрил телото во дворот на својата куќа. Случајот бил пријавен во полиција пет дена по исчезнувањето на Николова, на 24 октомври 2025 година, кога нејзината сестра алармирала дека нема никаква трага од неа. По добиена судска наредба, полицијата го пронашла телото закопано во дворот на Асанов. Обдукцискиот наод покажал тешки повреди кај жртвата.

- Со тврд предмет и задал неколку удари во пределот на градниот кош, по што дошло до сериско скршување на 8 ребра, кое предизвикало нарушување на виталнат афункција на белите дробови, односно, дишењето, по што со остар предмет нож, ја пресекол главата и нозете, од кои повреди настапила смрт кај оштетената, изјави Јулијана Недкова, судијка во Основен суд-Штип.

Во текот на судскиот процес, обвинетиот даваше противречни изјави. Во еден наврат тврдеше дека не знае каде се наоѓа жената, обвинувајќи ја дека му одзела пари и сама го напуштила домот. Подоцна изнесе поинаква верзија, според која бил нападнат од две лица, врзан и со покриена глава, па наводно немал сознанија за тоа што се случувало понатаму. Сепак, судот, врз основа на сведочењата, вештачењата и материјалните докази, оцени дека вината е неспорна и ја изрече најстрогата казна.