Македонија
2. April 2020 - 11:37

Дончев: Третманот за сите дијагностицирани лица од Ковид-19 паѓа на товар на ФЗОМ

Проблемот со здравственото осигурување на невработените како и лицата кои се отпуштаат, Фондот за здравствено осигурување го има предвидено и е предложено решение до Владата во кое сите лица без оглед на нивниот статус, односно доколку се дијагностицирани од Ковид-10 целиот третман паѓа на товар на ФЗОМ, истакна директорот на Фондот Ден Дончев, откако беше прашан за покриеноста на невработените, сега отпуштените, за оние кои што работат во онаа неформална сива економија, каква е покриеноста на ФЗОМ во однос на таа популација.

Во однос на лековите што се користат за третман за коронавирусот, Дончев рече дека Министерството за здравство, за да ги заштити пациентите, дозволило потпишување и издавање на товар на Фондот додека траат мерките.

– Околу оние лекови кои во некои случаи се користат за третман од Ковид-19, конкретно за лекот азитромицин и хидроксихлорокин, треба да сме свесни дека се уште течат клинички студии за ова прашање. Точно е дека во одредени ситуации покажале успех во третманот. Токму поради тоа Министерството за здравство, за да ги заштити пациентите, дозволи потпишување и издавање на товар на Фондот додека траат овие мерки, рече Дончев, додавајќи дека треба да се алармира дека оваа терапија мора да се применува исклучиво во болнички услови под надзор на лекари специјалисти.

Тој нагласи дека обезбедувањето на лекови се одвива непречено. И покрај вонредната ситуација, како што истакна, Фондот нема информација за недостаток на лекови и се оддржува редовна комуникација со аптеките.

Во врска со прашањата и стравот на луѓето кои што се боледување за тоа дали ќе ги примат своите пари, трудниците дали ќе ги добијат своите редовни надоместоци, породилките кои имаат потреба дополнително да останат дома и дали тоа ќе биде регулирано од ФЗОМ, Дончев потенцираше дека нема простор за страв.

– Ве уверувам дека се ќе си тече како што беше до сега. Прво и пред се ФЗОМ е во солидна стабилна ситуација и сите обврски ќе течат по најрегуларен пат како што впрочем беше ситуацијата и до сега, изјави директорот на ФЗОМ.

На прашањето за што помасовно тестирање за вирусот и воведувањето на нови пунктови за тестирање и каде се се тестира, што од тоа паѓа на товар на Фондот, како и точноста на некои тестови во приказ на сликата за заразеноста, Дончев објасни дека до сега тие како институција воопшто немале законска основа да се покријат ваквите типови на тестови, но дека интензивно се работи во последниве две недели и се многу блиску до конечно решение.

-Ден или два се прашање. Фондот работеше многу ургентно во соработка со Министерството за здравство и Владата. Точно е дека има два типа на тестови. Едните се брзи тест китови, додека вторите се тестови по т.н PCR метода, што се тестови на молекуларно ниво. Граѓаните треба да се свесни дека тест китовите се индикација, но веројатноста за т.н лажни позитиви или негативи е значително поголема од оние тестови кои се прават на молекуларно ниво. Нашите епидемиолози ги прифаќаат вториве како веродостојни. Градиме капацитет за тестирање на молекуларно ниво, од најмалку 600 поединечни тестови на ден. Тоа е капацитетот во Јавното здравство и во пртиватните здравствени установи, образложи Дончев.