Македонија
13. јуни 2024 - 16:46

Дискриминацијата на обвинителката Ристоска пред Управен суд

Обвинителите Антонио Јолевски и Ленче Ристоска пред Управниот суд ги соочија аргументите за одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација која застана во одбрана на обвинителката.

Дискриминаторска била изјавата на Јолевски дека обвинителката не може да напредува во кариерата зашто користи породилно отсуство. Тој пак тврди дека изјавата е извадена од контекст. Не била избрана за виш обвинител бидејќи немало извештај што таа работи откако згаснало Специјалното обвинителство.

Јолевски не се согласува со одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација со која се бара јавно да и се извини на Ристоска, па заштита бара од Управниот суд. Смета дека во одлуката не биле наведени дискириминирачките дејствија. За Ристоска, пак, решението на комисијата е јасно. Вели, за да се спречи слична појава, одговорност мора да има.

На почеток од идниот месец Јолевски ќе слушне дали Управниот суд ќе ја прифати неговата тужба и ќе го поништи решението на Комисијата за заштита од дискриминација. За него, во меѓувреме, комисијата отворила и прекршочна постапка бидејќи не и се извинил на колешката обвинителка.