Дигиталното евро не значи укинување на готовината, туку создавање уште една можност за плаќање

Обезбедување европски начин на електронско плаќање, намалување на зависноста на Европската Унија од странските платежни системи, зајакнување на отпорноста на европската економија и поттикнување на иновациите и технолошкиот развој се целите на планот за воведување на дигиталното евро, чија регулаторна рамка доби поддршка од Европскиот парламент.
Европратениците го поддржаа користењето на дигитални активи и создавање средина погодна за иновации и сигурни финансиски плаќања, со порака дека инвестициите и технолошкиот развој треба да останат во Европската Унија.
Известувачот на Европскиот парламент за предлог-регулативата за создавање на дигиталното евро, европратеникот од групата на Европската народна партија (христијански демократи) Фернандо Наварете Рохас, појасни дека законодавниот пакет за заедничката валута содржи два главни предлози – едниот се однесува на зајакнување на плаќањата во готовина низ Европа, а другиот на воведување на дигиталното евро.
Според него, двата предлога заедно треба да им овозможат на граѓаните поголем избор при плаќањето на секојдневните трошоци. Воведувањето на дигиталното евро, како што нагласи, „не значи укинување или замена на готовината, туку создавање уште една можност за плаќање“.
Рохас посочи дека во последните години во Европа има намалување на прифаќањето готовина кај дел од трговците и дека тоа треба да се спречи. Според него, граѓаните кои сакаат да продолжат да користат кеш мора да имаат гаранција дека тој начин на плаќање ќе остане достапен.
Истовремено, за оние кои претпочитаат дигитални плаќања, дигиталното евро треба да понуди европска алтернатива на постојните меѓународни платежни системи. Според Рохас, сегашната зависност од технологии, стандарди и процедури развиени надвор од ЕУ претставува ризик во актуелниот геополитички контекст.
Дигиталното евро, според предлогот, ќе има две форми на користење – онлајн и офлајн. Онлајн верзијата ќе биде слична на постојните системи за електронски плаќања, додека офлајн варијантата ќе овозможи дигитални трансакции и без интернет-конекција.
Офлајн плаќањата ќе се извршуваат директно меѓу уредите на купувачот и продавачот, односно меѓу корисниците, без посредници и без обработка преку дополнителни регистри, што би требало да обезбеди дополнително ниво на приватност и отпорност на системот.
Во рамки на законодавството се предвидува производителите на електронски уреди, најчесто мобилни телефони, што се продаваат на европскиот пазар да ги отворат стандардите на таканаречените безбедносни елементи во уредите.
На тој начин, Европската централна банка би можела да развие софтвер за управување со овие безбедносни елементи и за безбедно складирање на дигиталното евро на уредите, независно од производителот или оперативниот систем.
Рохас нагласи и дека дигиталното евро нема да биде форма на таканаречени „програмабилни пари“ со ограничен рок на употреба. Според него, дигиталното евро ќе има ист статус како и другите јавни средства издадени од Европската централна банка и нема да може да истече.
Тој додаде дека, како и кај банкнотите кои со текот на времето може да се заменат поради технолошки промени или нов дизајн, и кај дигиталното евро ќе постои можност за конверзија, но без губење на вредноста на средствата.
МИА
Ново на Сител
-

Потврдено обвинението против обвинетите за трагедијата на железничката станицата во Нови Сад во 2024 година
-

Пожар кај Автобуската станица во Велес зафати шест возила, интервенираа пожарникарите
-

Основана Кинеско-македонска стопанска комора: Ново поглавје во пријателството и економската соработка меѓу двете земји
-

Претрес во виничко, уапсени две лица, пронајдени дрога и пушка | ФОТО
-

Европа регистрираше 10 илјади дополнителни смртни случаи за време на топлотниот бран
-

Уапсен 27-годишник од Тетово, возел 179км/ч на место каде дозволено е 80
-

Зголемен бројот на странски туристи, најмогу се од Турција, Германија, Србија и Бугарија
-

Мицкоски: Со реконструкцијата на Владата нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност
