Фудбал
31. July 2024 - 19:28

Ди Марија го откажа трансферот во Росарио поради смртни закани

Аргентинскиот фудбалер Анхел Ди Марија (36) се откажа од трансферот во Росарио откако доби смртни закани. Ди Марија неодамна се прости од репрезентацијата откако со националниот тим го освои Копа Америка. Тој изјави дека сака да ја заврши кариерата во родниот град по заминувањето од Бенфика.

Сепак, тој се откажал од враќањето во Росарио поради смртните закани упатени кон него и неговото семејство. Првите закани ги доби во март додека беше во САД со репрезентацијата. Тогаш неговата сестра на работа добила кутија во која имало свинска глава со куршум во челото.

„Во кутијата имаше и порака дека следната глава во кутијата ќе биде мојата ќерка Пиа“, откри Ди Марија.

„Тие месеци беа страшни, можевме само да седиме и да плачеме“, додаде тој.

Аргентинските власти ги опишаа заканите што ги добил Ди Марија како обид за демонстрација на моќ од криминалните организации во Росарио, каде што има зголемување на насилството поврзано со дрога и банди.

Поранешниот напаѓач на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед сега е слободен играч откако ја напушти Бенфика. Ди Марија кариерата ја започна во Росарио, а потоа играше за Бенфика, Реал, Јунајтед, ПСЖ и Јувентус, а од јули 2023 година повторно играше за Бенфика.

Во дресот на Аргентина забележа 145 настапи и постигна 31 гол, освојувајќи ја светската титула во 2022 година, две Копа Америка во 2021 и 2024 година и олимписко злато во 2008 година.