Македонија
29. January 2025 - 17:02

Девет амбасадори се враќаат дома – иницијатива за именување на 4 нови

Девет македонски амбасадори треба да почнат да си ги пакуваат куферите откако владата на вчерашната седница покренала иницијатива за нивно враќање во Македонија. Станува збор за дипломати кои во мисии заминаа без претходно да реферираат пред Комисијата за надворешна политика во Собранието.

Меѓу амбасадорите кои нема да го дочекаат крајот на својот мандат се имињата на бугарскиот амбасадор Агнеза Руси Поповска, Амбасадорите во Белгија, Британија, Чешка, Шведска. Дома се враќа и Заќир Рамчиловиќ кој беше амбасадор во Црна Гора и Пајо Авировиќ кој беше шеф на Постојната мисија при меѓународните органзиации. 

Пред да биде повлечен, сам дома се врати и Љубомир Фрчковски кого шефот на дипломатијата Муцунски го обвини за финансиски проневери. Извесно е дека дипломатска кариера нема да направи ниту Андреј Жерновски кого Владата не го смета за амбасадор во Романија иако тој тврди дека со месеци ја извршува функцијата. 

Пред крајот на минатата година, Претседателката Сиљановска во Македонија повика да се вратат уште 7 амбасадори на кои им заврши мандатот. 
Шефот на дипломатијата во повеќе наврати потенцираше дека амбасадорските места ќе се пополнуваат во консултации со Премиерот и Претседателката Сиљановска, а на вчерашната владина седница предложени се 4 нови имиња.
Нефрологот Игор Николов кој порано работел како економски промотор а до вчера беше советник во Владата, заминува за амбасадор во Франција. Информацијата ја потврди лично премиерот

Во Токио како нов македонски амбасадор е именувана Андријана Цветковиќ. Таа и претходно ја извршувала оваа функција а до неодамна работела како советник во кабинетот на јапонскиот министер за култура. Димитар Блажевски ќе биде нов амбасадор во Украина а во Хрватска заминува Драган Ѓурчевски кој порано работел како македонски конзул во Торонто. 

Од МНР потврдуваат дека предложиле нови имиња но без детали.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврдува дека до Владата се доставени определени имиња кои се предлагаат како кандидати за идни амбасадори. 
Во однос на наведените постапки во следна фаза ќе биде потребно да се побараат агремани од земјите на прием.“ – се вели во соопштението на МНР.