Loading Video...
Свет
23. March 2024 - 16:49

Десетици загинати и повредени во терористички напад во концертна сала во Москва

Отишле да уживаат на концерт на групата Пикник со симфониски оркестар, но доживеале вистински хорор. Над 140 мртви и повредени е резултатот од вчерашниот терористички напад кој се случи во салата „Коркус Сити Хол“, во Москва и го дигна светот на нозе. Крвавиот биланс, се зголемува од час во час.

Се започнало кога лица со маскирани униформи влегле во приземјето на зградата и отвориле оган од автоматско оружје врз присутните. Според сведоштвата на преживеаните, напаѓачите прво пукале пред влезот на салата, а потоа успеале да влезат и во концертната сала, каде стотици веќе се сместиле на своите седишта.  

Некои лица успеале да побегнат, други животот си го спасиле оти се сокриле под седиштата. Била чуена и најмалку една експлозија, по која избувнал пожар во зградата. Маскарот се случи во 18.30 часот по средноевропско време.

На крај, покривот се урна, а стотици пожарникари со часови се бореа со огнената стихија. Остануваат само јагленосаните железни потпорни греди и челични рамки од стотици седишта.

Рускиот претседател попладнево и се обрати на нацијата. Путин јасно кажа дека напаѓачите ќе платат. Во цела Русија се воведени дополнителни безбедносни мерки.

– Сите што пукаа и убиваа луѓе се пронајдени и приведени. Тие се движеле кон Украина, а од украинската страна бил подготвен „прозорец“ за преминување на границата. Терористите се соочуваат со одмазда и заборав, немаат иднина, изјави рускиот претседател во своето видео обраќање.  

Групата исламска држава ја презе одговорноста за мртоносниот воооружен напад.  Уапсени се единаесет лица. Меѓу нив и четири лица, осомичени дека се директно вклучени во нападот.

Американската амбасада во Москва уште пред две недели соопшти дека е свесна за наводните непосредни планови на екстремистите да таргетираат јавни собири во руската престолнина в следните два дена.

„Амбасадата ги следи извештаите дека екстремистите имаат непосредни планови да таргетираат големи собири во Москва, вклучително и концерти. Граѓаните на САД треба се советуваат да избегнуваат големи собири во следните 48 часа“, стои во сопштението на американската амбасада во Москва објавено на 7-ми март.

За нападот се огласија и Украинците, тврдат дека не се вмешани. ЕУ и ОН го осудија маскарот во Москва и изразија длабоко сочуство кон загинатите.

Во меѓувреме, жителите во Москва се уште се во шок и неверување. Масовно даруваат крв. Се положуваат цвеќиња, се палат свеќи низ цела Русија.

И од Кабинетот на претседателот на нашата држава изразија сочуство и најостро го осудија овој напад. Се положуваат цвеќиња пред руската амбасада во Македонија.

По масакрот повеќето држави ги засилуваат безбедносните мерки, а во Србија денеска се одржа состанок на Советот за национална безбедност. Утре е прогласен ден на жалост во Русија.