Свет
30. July 2015 - 11:31

Дејвид Камерон: Илегалните имигранти ќе бидат вратени назад

Британскиот премиер Дејвид Камерон ги предупреди илегалните имигранти, како и сите оние кои сакаат илегално да влезат во Велика Британија, дека ќе бидат протерани и вратени назад.

Камерон, кој се уште се наоѓа на турнеја низ земјите на Југоисточна Азија, рече дека Велика Британија нема да се претвори во „безбедносен рај“ за имигрантите кои чекаат во францускиот град Кале, за да го преминат илегално каналот Ламанш и да дојдат до британската територија.

Предупредувањето на британскиот премиер доаѓа откако една анкета на Би-Би-Си, направена меѓу имигрантите во импровизираниот камп покрај Кале на француската страна од Каналот, покажа дека огромниот број од нив немаар намера да бара азил и да останат во Франција, туку дека сакаат да преминат во Велика Британија.

Анкетата покажа дека меѓу имигрантите најмногу има од Етиопија, Еритреја,, Судан, како и од Сирија, Ирак и Авганистан.

Сите се на возраст меѓу 20 и 35 години и дека бегаат од своите земји барајќи подобар живот, верувајќи дека Велика Британија нуди најмногу можности, повикувајќи се притоа на оние кои веќе успеале да се населат на британската територија.

Во анкетата на Би-Би-Си дел од нив признале оти не бегаат од војните и воените судири, посебно оние од Етиопија и Еритреја, признавајќи дека имале и вработување во своите земји.

Тие признаваат дека платиле за префрлањето до Франција и откриваат дека до европското копно, најчесто пристигнуваат преку Турција и Грција, а од таму патувае илегално преку Македонија, Србија, Австрија и Италија до францускиот брег на Ламанш.

Изјавата на Камерон дека сите илегалци ќе бидат вратени, таму од каде што се дојдени, е дадена по синоќешните нови инциденти во зоната на тунелот на Каналот, кога одново, трета ноќ по ред, големи групи од неколку стотици имигранти, уривајќи ја заштитната ограда, се обидуваат да навлезат во забранетата зона и преку тунлеот да дојдат до Велика Британија.

Во текот на оваа недела 3.500 имигранти од Кале се обидоа да дојдат до терминалот на тунелот, при што само во изминатите четириесетина дена, загинаа деветмина илегалци. Последната жртва е еден млад Суданец, кој настрада во тунелот при вчерашниот обид да се премине овој пат што ги врзува Франција и Велика Британија.

Француската полиција при синоќешниот напад врз терминалот успеала да спречи неколку стотици имигранти да влезат во тунелот.

Франција соопшти дека дополнителни 150 полицајци се вклучени во „одбраната“ на тунелот, додека Велика Британија настојува да изнајде нови безбедносни мерки за да се запре илегалното минување.