Балкан
5. February 2016 - 10:14

Ципрас: Потребен е долгорочен и стретешки пристап за бегалската криза

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во Атина ќе се сретне со францускиот и германскиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев и Томас де Мезиер со кои ќе разговара за мигрантската криза.

Двајацата европски министри се во посета на Грција со цел да се изнајдат начини на кои може да и се помогне на Атина да се справи со бегалската криза.

Казнев вчера го посети и кампот за бегалци на Лезбос, каде пристигнуваат најголем број мигранти од Турција.

Во меѓувреме, во тек е состанок меѓу Казнев, Мезиер и грчките министри за внатрешни Курумблис, за морска флота Дрицас, за миграции Музалас и за цивилна заштита Тоскас.

Инаку, на вчерашната донаторка конференција за Сирија во Лондон, Ципрас ја повика меѓународната заедница да усвои „долгорочен, стратешки пристап“ за сириската бегалска криза кој ќе биде фокусиран на „ефикасно и хумано управување со приливот на бегалци“.

- Хуманитарните последици од сириската криза ќе останат со нас со децении. Ние не можеме да се справиме со нив со изградба на ѕидови или туркање на луѓето назад во морето со што се ризикуваат нивните животи. Не можеме да ги туркаме луѓето од земја до земја, како да се нечија друга одговорност, истакна Ципрас.

Грчкиот премиер на маргините на конференцијата се сретна и со германската канцеларка Ангела Меркел и со британскиот премиер Дејвид Камерон, со кои главно разговараше за бегалската криза, но тема на разговор беше и ревизијата на програмата на финансиска помош на Грција и текот на разговорите меѓу Атина и нејзините кредитори.