Четиригодишна стагнација на судскиот систем
Четиригодишна стагнација бележи судскиот систем во државата, објави Здружението Сите за правично судење, презентирајќи ги годишните извештаи од набљудувањето на судските постапки и работата на Судскиот Совет и Советот на јавни обвинители.
Здружението детектира дека постојат позитивни примери на иницијативи од страна на одредени судии за подобрување на состојбите, но тоа не се крева на системско ниво.
-Се соочуваме со стагнација на сериозни проблеми кои веќе долго време постојат, како што е, високиот процент на одложени рочишта за главна расправа. Имаме зголемување на формализмот на постапките што оневозможува соодветна јавност. Во многу случаи јавноста не може соодветно да се запознае со доказниот материјал, рационализирањето и образложението на судовите, јавните обвинители и адвокатите во постапките. И она што најмногу загрижува е дека иако се забележува простор за подобрување и унапредување, можеме да кажеме дека станува збор за изолирани случаи, изолирани примери што зависат од поединци, вели Дарко Аврамовски од „Сите за правично судење“.
Транспарентноста на Судскиот совет мора да биде суштинска и разбирлива за јавноста, смета претседателот на врховниот суд, Африм Фидани.
-Транспарентноста во работата на ова тело, начинот на донесување на одлуки, аргументацијата и јавната отчетност се исто така клучни за перцепцијата на независноста и интегритетот на судството. Транспарентноста меѓутоа, не смее да ја сведеме на формално исполнување на законски обврски, вели Фидани.
Министерството за правда веќе ги има подготвено законските измени кои, според советничката Цветановска, треба да ја зајакнат транспарентноста и довербата кај граѓаните во работата на Судскиот совет и на Советот на Јавни обвинители.
-Предложените законски решенија предвидуваат воведување на јавен оглас и транспарентна постапка за избор на членовите на советите. Без разлика дали тие произлегуваат од редот на судството, јавното обвинтинителство или се избрани од страна на Собранието. Постапката ќе биде дополнета со активно учество на Граѓанските организации, како и на стручната и експертската јавност, изјави Александра Цветановска.
Од Здружението Сите за правично судење сметаат дека постои простор за напредок веќе следната година. Меѓутоа, велат дека промените мора да се случат од внатре, односно да дојдат на иницијатива на судиите и јавните обвинители.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
