Чебрен и Галиште ќе се градат со пари од британскиот заем
Чебрен и Галиште ќе се градат со пари од британскиот заем. Премиерот Мицкоски на Надзорната расправа во Собранието за аерозагадување рече дека во моментот се водат преговори за изградба на вечните хидроелектрани. Инвестицијата, според него, ќе биде помеѓу 1,2 и 1,3 милијарди евра.
- Силно сум убеден дека не само од аспект на производство на електрична енергија ни се потребни овие две хидроцентрали. Имајќи ги предвид климатските промени за иднина ќе бидат потребни овие два нови резервоари за вода, тоа ќе биде голем предизвик во иднина. Убеден сум дека овие два резервоара за вода заедно со постојната Тиквеш, ќе обезбедат дополнителна количина вода за Тиквешко поле, 55-60 илјади хектари прва класа земјоделско земјиште, рече Мицкоски.
Премиерот е убеден дека затоплувањето е најголем причинител на аерозагадувањето. Затоа, според него, потребна е изградба на когенеративни централи, но и целосна инфраструктура за пренос на гас до објектите. Во овој дел, вели, државата доцни.
Прашан и за градежната прашина која ја создаваат градежните компании, Мицкоски вели, само со дисциплина може да се доведе ред.
- Мислам дека дисциплината не е на високо ниво. Јас ги охрабрувам и граѓаните ако има такви случаи на девијантно однесување да ги пријавуваат во Градежниот инспекторат, да излегува на лице место и тоа да го констатира и се разбира на таков начин да може да се спречи таквата појава. Но, од друга страна со зазеленување на тие површини. Ова се двата начини на кои можеме да се бориме, не постои трет начин, ниту во праксата е познат, рече Мицкоски.
Аерозагадувањето е акутен проблем речиси низ целата држава во текот на зимските месеци. Најголем проблем со канцерогениот воздух имаат Скопје, Струмица, Куманово, Кавадарци, Тетово...
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар