Македонија
19. July 2021 - 14:45

Богдановиќ за паднатото дрво на „Орце Николов“: Добро е што денешниот настан не го загрози животот на граѓаните

Денешната слика од паднатото дрво на улица „Орце Николов“ кај Соборниот храм во Општина Центар, е само доказ за потенцијалната опасност од старите, болни и оштетени дрвја што може да предизвикаат последици и штети по граѓаните и учесниците во сообраќајот, смета градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Според Богдановиќ, дрвото, кое навидум било здраво, очигледно имало оштетени корени и претставувало опасност како дрвјата за кои беше издадено решение за отстранување во втората фаза од реконструкцијата на „Орце Николов“.

– Акциите што ги спроведовме во изминатиот период за отстранување на осум дрва од оваа улица се само потврда дека нашите заложби се во интерес на жителите и нивната безбедност. Добро е што денешниот настан не го загрози животот на граѓаните и не е предизвикана материјална штета“, изјавил Богдановиќ, пренесуваат од општината.

Оттаму дополнуваат дека остануваат на ставот дека старите дрвја треба да бидат отстранети во согласност со анализите на надлежните институции и да бидат заменети со нови висококвалитетни садници.