Македонија
20. August 2024 - 16:38

Арсовска: Состанокот во Владата наликуваше на политички циркус

Растат недоразбирањата меѓу Владата и Градот Скопје. Откако вчера министерот за локална самоуправа рече дека на состанокот Арсовска не предложила ништо, таа денеска тврди дека во Владата отишла со конкретен план, но не кажа какви решенија понудила. На прашањето што предложила, а не ѝ било прифатено, Арсовска рече:

Планот кој го предложивме имаше детална разработка на сите оние работи кои се блокирани во овој момент и сите прашања кои треба да се разрешат за да имаме функционални јавни претпријатија и функционален град. Тие еден по еден ги презентиравме и еден по еден како ги презентиравме ни ги одбиваа за на крај да ни се предложи да си дојдеме со нов план, мислејќи дека ќе го одбиеме истото, но ние го прифативме. Веќе почнавме и нов да правиме затоа што еве тој не им се допадна“– Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје

Вчерашната средба, според неа, наликувала на политички циркус за добивање политички поени. Побара од Владата да го исплати долгот од 8 милиони евра кон ЈСП за бесплатен превоз за студентите. За недостигот на автобуси и ѓубрето во Скопје ги обвини советниците.

Дали сакате да знаете што е она кое го немам направено, а го имам ветено? Само тоа што советот не го гласа. Јас имав 45 личности кои беа на листата на предлог советници на ВМРО-ДПМНЕ кои на секој настан, настап, на секоја сцена беа заедно со мене и велеа „го гарантираме ова во програмата“. Тие таа програма ја гарантираа и тие таа програма ја кочат“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје

На прес конференцијата градоначалничката се расправаше со новинарите кои ѝ рекоа дека „секогаш сите и се виновни, а на изборите скопјани и дадоа доверба за да работи и сега зема плата од граѓаните“.

Толку ви е неумесно, навистина не можам да ви кажам дека дури несериозно како новинар да го постави како прашање. Ама сега дојдовте тука да ме напаѓате, да се расправаме?“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Сериозно треба да се разгледа можноста за кривична постапка за Арсовска за неисполнување на законските обврски и надлежности согласно закон. Синхронизираното делување и изјави на Данела и СДС е повеќе од очигледно. Нема човек кој не ја препознава вистината. И ќе сториме се што е во наша моќ да ги корегираме нејзините испади, неработење и неодговорно и детско однесување“ - Мартин Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ

На вчерашната средба не се разговарало за одземање на ингеренции, а од Владата рекоа дека прво ќе го почекаат планот на Арсовска кој треба да го презентира задутре, а потоа ќе го разгледаат и ова прашање за да видат дали има законска можност да се поделат претпријатијата на општините.