Македонија
8. јуни 2017 - 10:20

Археолошкиот музеј потпиша договор за учество на изложба во оксфордскиот Ашмолијан

Археолошкиот музеј на Македонија потпиша договор за учество во изложбата „Религиите во големите импреии“ во музејот Ашмолијан при Уиверзитетот од Оксфорд. Договорот го потпиша делегација од Археолошкиот музеј која во Обединетото Кралство престојуваше од 4-ти до 7 јуни.

Како што соопшти Археолошкиот музеј, делегацијата, во која биле и претставници од фондацијата „Кирил Трајковски“ од Лондон, ја примила директорот на музејот Ашмолијан Александар Стругис и Пол Робертс. 

Големата изложба во Ашмолијан, каде првпат ќе се претстави Република Македонија, ќе се одржува од 19 октомври 2017 до 18 февруари 2018. Во нејзината организација покрај музејот-домаќин Ашмолијан вклучен е и Британскиот музеј од Лондон. 

- Република Македонија која е поканета да биде дел од оваа изложба, ќе учествува со девет теракотни икони од познатото Виничко Кале кои потекнуваат од 4-ти до 6 век и претставуваат сублимирани пораки за најраните христијански догми, придружени со латински натписи, изведени во длабок релјеф со концизна теолошка порака, истакна Весела Честоева, раководител на проектот.

На состанокот на присутните им бил презентиран во детали концептот на експозицијата.

- Директорот на Ашмолијан Александар Стругис и Пол Робертс беа импресионирани од богатото културно наследство кое го поседува Археолошки музеј на Македонија и дадоа исцрпно образложение дека оваа изложба ќе направи обид да одговори на прашањето како се развивале религиите и како тие се спојувале една со друга како знак на мултикултурализам, сопшти Археолошкиот музеј.

Овој проект е поддржан од Министерството за култура и Фондацијата „Кирил Трајковски“ од Лондон, со која Археолошкиот музеј на Македонија има потпишано меморандум за соработка и досега има реализирано повеќе активности.