Македонија
25. February 2026 - 20:01

Апелација пресуди во корист на Анѓушев, одбиена жалбата на ИРЛ

Апелациониот суд Скопје денеска ја одби како неоснована жалбата на Истражувачката репортерска лабораторија и на уредничката Сашка Цветковска и со тоа ја потврди првостепената пресуда во спорот што го поведе бизнисменот Кочо Анѓушев поради наводи изнесени во документарецот „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година на МРТ. Одлуката, била соопштена кусо, без усно образложение, при што е наведено дека деталите ќе следуваат во писмената пресуда, а за трошоците судот дополнително ќе се произнесе во писмената изрека.

Од прес службата на компаниите на Анѓушев, во негово име и во име на неговата фирма БРАКО, испратија писмена изјава:  

,,Судовите со овие пресуди потврдија дека оваа група со години врши медиумски клевети, изнесува лаги и зависно од текот на финансиите креира средина во Македонија за јавна пресметка со одредени личности за да направи дефокус и заштита токму на вистинските сторители на казниви дела, и користена е за внатрешни политички пресметки во Македонија служејќи на одредени страни. Во секоја земја економијата е таа која ја движи државата напред и која продуцира работни места и ја полни државната каса со даноци, за да има функционално општество.

Кај нас, зад нападите врз компаниите и бизнисмените со лажни вести стојат крајно неодговорни лица кои се водат само од свои кариерни и хонорарни причини, а нанесуваат економска штета на самата држава и на стопанството.”, велат од прес службата на компаниите на Анѓушев.

Од страна на ИРЛ, велат дека нивната јавната борба не е завршена и организацијата ќе ја тужи државата во Судот во човекови права во Стразбур, а жалби ќе се поднесат и до Врховниот и до Уставниот суд,

“На повтореното судење, без нови докази, Граѓанскиот суд пресуди во корист на Кочо Анѓушев. Судијката на случајот беше дисциплински санкционирана од Судскиот совет поради тешка повреда - отстранување на јавноста од судницата.

Срамната пресуда на судиите Софија Миленковска и Суад Слиу беше јавно осудена од Советот на Европа, Амбасадите на САД и ЕУ, Меѓународната и Европската федерација на новинари, Меѓународниот прес институт, Пулицер Центарот, OCCRP, како и бројни регионални и домашни здруженија. Ова е единствен случај од Европа чиј исход го следи и Одделението за глобална слобода на изразување при Универзитетот на Колумбија во САД”, вели Сашка Цветковска, одговорен уредник во ИРЛ и првотужена.

Реакција испратија новинарските организации ЗНМ и ССНМ. Во заедничко соопштение тие изразуваат загриженост дека вакви одлуки создаваат притисок врз независното истражувачко новинарство и предупредуваат на, како што велат, опасен преседан институциите да одредуваат што е медиум и кој е новинар.

„Укажуваме дека ЗНМ во период подолг од пет години обезбедуваше бесплатна правна поддршка, а двете организации јавно го следеа овој предмет и посочуваа на неговото значење за слободата на изразување, јавниот интерес и заштитата на истражувачкото новинарство, вклучително и во контекст на ризиците од стратешки тужби против јавно учество (СЛАПП)“, велат од организациите.

Инаку во јуни 2021г, 3 недели по објавата на филмот на ИРЛ кој потоа беше предмет на тужба за клевета Регулаторната комисија за енергетика ги провери сите 19 фирми кои имаа лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати, вклучително и со мазут, и утврди неправилности кај 7 од нив.

Државните органи во 2025г поднесоа кривична пријава за фирмата РКМ и нејзиниот сопственик Ратко Капушевски заедно со уште 12 други лица токму за финансиски малверзации и увоз на токсичен мазут со години наназад. Ниту во првиот ниту во вториот случај не беше откриена и посочена поврзаност на спорните активности со мазут со Анѓушев или некоја од неговите компании. 

 

Ново на Сител