Македонија
27. May 2025 - 14:39

Ангелов: Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија

Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија, покрај недостиг на пилоти постојат и проблеми со сервисот на Ер тракторите во овој момент се уште нема доволно потпишани договори со тимовите за брз одговор вклучително и со тимовите за гасење на пожар на отворен простор, посочи на денешната прес-конференција Стојанче Ангелов кој е назначен за нов директор на Дирекцијата.

Ангелов истакна дека во институцијата има недостиг на опрема, обука, физичка подготвеност, дека инспекцискиот надзор на противпожарна заштита е во исклучително лоша состојба, дека недостига сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но и дека постојат сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги извада ДСЗ.

-Во моментот во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со нексплодирани нискоексплозивни средства, додека оние отстранетите и собрани се чуват на несоодветен начин. Постојат и други слабости, но за нив дополнително ќе информираме. Позитивно е што во ДЗС работат и соодветно образовани, искусни лица, но некои од нив се наоѓаат на места на кои не можат да дадат се од себе. Заедно со оние кои ќе покажат амбиција ќе се обидеме да ги надминеме детектираните слабости со цел побрзо ставање на ДЗС во полна функција. Како директор ќе можам детално одвнатре да ја разгледам институцијата и внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал, дополнително да ги детектирам и многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС во една институција на чие формирање се работи, и е дел од стратешкта заложба на владата за формриање на современ и функционален систем за управување со кризи и заштита и спасување, изјави Ангелов.

Во однос на подготвеноста на институциите за летото кое претстои тој рече дека сериозно се работи на подготовка за полесно справување со предизвиците кои ќе следат.

-Во нашата држава нема ниту еден функционален Ер трактор, но јас сум оптимист дека набргу ќе ги имаме трите Ер трактори заедно со пилоти, подвлече Ангелов.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто досега се чекало за спојување на ДЗС и ЦУК во една, Ангелов истакна дека системот на менаџирање со кризи е обемен и дека опфаќа повеќе институции и закони.

-Во Владата е формирана работна група која што работи на сериозно и целосна трансформација на целиот систем на управување со кризи кој што е многу поширок од овие две институции во кои се опфатени многу други институции. Во суштитна има некаде околу 19 закони кои ја уредуваат материјата на менаџментот со кризи и заштита и спасување и цивилна заштита, така што е обемна постапка и е потребно повеќе време. Мојот фокус како нов директор на ДЗС е комплетно формирањето на нова институција која ќе ги обедини функциите на постоечките две институции, додека морам да укажам целиот систем е далеку погломазен затоа што летно време кога беснеат пожарите ние ги користиме хелихоптерите на армијата и полицијата, користиме сили на Национални шуми, доброволни противпожарни друштва и многу други, значи се работи за еден гломазен систем, појасни тој.

Воедно информира дека денеска ја предал функцијата директор на ЦУК на Мухамед Аљи и дека доаѓа од редовите на дирекцијата за заштита и спасување.

-Денеска ја предадов функцијата директор на ЦУК на Мухамед Аљи кој на оваа позиција доаѓа од редовите на дирекцијата за заштита и спасување. Верувам дека за него ќе биде тешко да го следи моето работно темпо, но исто така верувам дека е подотвен да даде се од себе за побрзо да навлезе во спецификите на менаџментот. За заменик директор на ЦУК е именуван Трајче Јованоски кој работи таму безмалку од формирањето на ЦУК.