Македонија
5. February 2016 - 14:43

Аневски: Јанева го прекршила законот при отстранување на двете обвинителки

Советот на јавни обвинители на денешната седница расправал меѓу другото и за постапката на специјалната обвинителка Катица Јанева при исклучувањето на двете обвинителки од нејзиниот тим.

- По обемната дискусија, разгледувајќи ги изјавите дојдовме до заклучок дека Јанева во конкретниот случај го прекршила Законот за работни односи и обвинителство, така што без да спроведи постапка и без да се донесе решение ги отстранила од работните места на еден брутален начин. Биле исфрлени од нивната канцеларија, а за тоа на помош го повикала некој од судските полицајци кој интервенирал при иселувањето на двете обвинителки, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски.

Тој додава дека од исказите и од дописните поврзани со случајот со двете обвинителки било утврдено дека тие во ниту еден случај не побарале сами да си заминат, како што првично информирала специјалната обвинителка. Двете обвинителки и понатаму се во работен однос во Специјалното јавно обвинителство.

Советот, како што рече Аневски, на идната седница ќе одлучува за работниот статус на обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓоревска, односно дали ќе биде намален бројот на обвинители на 10 или тие ќе останат во СЈО. Во моментов, додаде, двете обвинителки се уште фигурираат како дел од тимот на Јанева.

Засега, како што вели Аневски, Советот донел одлука дека нема да поведуваат дисциплинска постапка против Јанева, односно за неа треба да поведат дисциплинска постапка републичкиот јавен обвинител и вишиот јавен обвинител, како што е регулирано со Законот за јавно обвинителство.

Покрај за обвинителките, Советот денеска дискутирал и по претставка на судија од Управниот суд кој најпрво се обратил со допис до Судскиот совет на Република Македонија.

- Во претставката е наведено дека јавен обвинител од Специјалното јавно обвинителство во кафеана барал од него да се произнесе зошто била донесена некаква одлука во случај од пред неколку години, кој бил работен во Управниот суд, појасни Аневски.

И во овој случај Советот донел заклучок дека било непристојно однесувањето на јавниот обвинител, но во оваа фаза одлучиле претставката да биде испратена до Јанева и таа да преземе мерки против тој обвинител од нејзиниот тим.

Претседателот на Советот на јавни обвинители истакна дека ја почитуваат автономијата во одлучувањето на Јанева, утврдена во Законот за Специјалното јавно обвинителство, но се повикуваат и на членот 7 став 3 од Законот, според кој јавниот обвинител ќе биде професионално одговорен за стручните и законските дејствија при неговата работа пред Советот на јавни обвинители.