Балкан
23. April 2016 - 13:29

Албанските граѓани незадоволни и од власта и од опозицијата

Анкетата спроведена од Инситутот за демократија и посредување, поддржан од Американскиот институт за демократија, потврдува дека мнозинството албански граѓани и даваат негативна оценка на Владата на премиерот Еди Рама, но и на опозицијата предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша.

- Според анкетата 59 отсто од испитаниците се незадоволни од работата на актуелната влада, додека 69,3 насто искажуваат незадоволство од моментната активност на опозицијата. Само 25,4 насто од испитаниците велат дека се задоволни од работата на актулната влада и 13,8 отсто од опозицијата, додека другиот процент даваат спротивна оценка, пишува порталот „Албеу“.

Анкетата е реализирана како дел од студијата „Анализа на политичкото ангажирање“ која првпат се спроведува во Албанија, а целта е да се испита пулсот за политичката ангажираност на учесниците во студијата. Таа, според порталот, нуди и уникатни податоци во врска со политиката и ангажирањето на граѓаните во политичките процеси.

Освен од работата на актуелната влада и опозицијата, албанските граѓани се незадоволни и од работата на законодавниот дом. Незадоволни од работата на Парламентот се 57,5 отсто од испитаниците. И покрај незадоволството од неговата работа, 53,2 отсто од испитаниците изјавиле дека албанскиот Парламент е од суштинско значење за демократијата во земјата. Половина од испитаниците или 53 отсто сметаат дека албанскиот Парламент не е транспарентен на начин како функционира.

Мнозинството од испитаниците или 75,4 насто изјавиле дека не се членови на ниту една политичка партија додека двајца од тројца испитаници се изјасниле дека не поддржуваат ниту една политичка партија, но сепак мнозинството од нив веруваат во институцијата-избори.