Македонија
5. September 2024 - 19:47

Алармантно во Мариовско, пожарот стигна на стотина метри од манастирот во Прилепец

Огромниот пожар во прилепско – мариовскиот регион стигна пред портите на манастирот Свети Никола кај селото Прилепец. Поради големата опасност по самиот објект вечерва ќе се прави заштитен појас со механизација околу самиот манастир кој од огнот е оддалечен само околу 300 метри.

„ЉВременските периоди не ни одат во прилог, ветрот се упте разгорува пламени јазици, ги гледаме горе и во моментот имаме повеќе од 60 луѓе кои што се одзваа на повикот, на апелот да се вклучат и доброволно во гаснењето на пожарот кој навистина се доближува и се повеќе и повеќе слегува до манастирот Св. Никола. Во овој момент ги преземаме сите активности, на пат доаѓа градежна механизација која треба да направи еден заштитен појас околу манастирот и на тој начин сметаме дека ќе направиме една сигурна заштита“, вели Ирена Стерјоска Локвенец, началник на Кризен штаб

Од Управата велат дека требало да се реагира побрзо уште пред 3 дена кога започнал огнот, а исто така потенцираат дека немало воздушна поддршка.

„Ако нема народ како сега што дојде овде околу 60-тина граѓани да гаснат и да помогнат како што гледате со ранци, со вода, постои голема опасност, посебно во овој дел, према трлава, нема ништо. Денеска прашавме, хеликоптерот бил расипан, тракторите не се знае ништо, побарано е, но така сме оставени сами на себе, на самиот народ“, истакна Гоце Спиркоски, члена на Управниот одбор на манастирот.

Во моментов пристигнуваат доброволци од сите страни за да го спасат манастирот кои се одзваа на повикот на Управата и на Општина Прилеп. Во моментов над манастирот гаснат околу 80-тина доброволци и пожарникари од ТППЕ Прилеп. 

„После работното време успеавме да се организираме со група на другари да дојдиме, кој колку можи да пружи помош, се во интерес на природата и на тоа што ни го дал Господ, но за жал излезе дека не сме спремни да си го зачуваме“, вели Горан Стојаноски, доброволец.

Алармантна исто така е и ситуацијата кај селото Крушевица за каде исто така од Општина Прилеп упатија апел до граѓаните кој може итно да замине таму за да се спаси самото село. Прилепчани кои се гушат скоро една недела во чад поради огромниот пожар бараат поголема ажурност на институциите затоа што велат во неповрат заминаа буквално сите шуми околу градот.