Ако се сликате денеска – документите ќе ги добиете за 15 дена
Ако се сликате денеска – документите ќе ги добиете за 15 дена. Првиот човек во МВР уверува, решен е хаосот за вадење лични документи.
Возачките дозволи со „Република Македонија“ имаат важност до крајот на годината. Тошковски апелира сите да ги извадат сега и да не го чекаат последниот воз со оглед на тоа што до крајот на годината треба да бидат заменети уште 250.000 возачки дозволи.
-Она кое што го ветивме го сторивме. Да, тешко беше, да требаше полициските службеници да работат макотрпно, да работат и прва и втора смена, да дадат се од себеси, да работат и сабота и недела, вели Тошковски.
Но што по 10 години кога речиси цела држава во исто време ќе мора повторно да ги промени документите? Тошковски уверува дека преку дигитализација на процесите нема да има проблем.
-Не се секирајте. За разлика од оние претходно ние решаваме проблеми и гледаме колку што е можно да ја поедноставиме целокупната постапка. Сето она коешто го говориме за дигитализација во рамки на работењето на Министерството ќе биде насочено исклучиво само таа насока. Има многу голем број на примери каде со утврдување на конкретни чекори, со предвидување на конкретни алатки, процесни, може да се нормализираат сите овие постапки коишто се право на граѓаните. Така што, сигурно нема да се случи тоа за 10 години отсега, уверува Тошковски.
Поради преземените обврски од Преспанскиот договор, македонските граѓани беа принудени до крајот на февруари ги променат сите лични документи со новото уставно име. Но неподготвеноста на институциите и чекањето на последниот рок за менување предизвика невиден хаос во управните згради на МВР. Граѓани чекаа со месеци за да извадат документи.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар