Македонија
1. December 2023 - 19:43

46 нови случаи со ХИВ/СИДА во Македонија годинава

Годинава во Македонија се регистрирани 46 нови случаи со Хив/Сида, 10 повеќе од претходната 2022, соопшти Институтот за јавно здравје. Повеќето од новодијагностицираните се млади машки лица. 20 инфекцијата ја добиле преку хетеросексуален начин на пренос, а 26 се мажи кои имале секс со мажи. Според податоците со вирусот во земјава живеат околу 500 граѓани.

Невладините организации алармираат дека државата се повеќе крати на превентивната програма за ХИВ и не успева навреме да ги дијагностицира луѓето, бидејќи се проценува дека скриената бројка на случаи е двојно поголема од реалната.

- Во 2018 година, во оваа програма се предвидени 95 милиони денари за превенција и за терапија кога имало 200 лица кои живеат со ХИВ на терапија. За следната, 2024 година, се предвидени 90 милиони денари, во ситуација кога имаме 430 лица кои живеат со ХИВ. Тоа ни укажува дека буџетот за превенција практично е драстично намален и нема да дозволи опстојување на постојаните, моментални превентивни програми, освен ако нема корекција, рече Елизабета Божиноска в.д. директорка на ХЕРА.

На светскиот ден за борба против ХИВ/Сида граѓанските организации посочуваат дека лицата кои се позитивни и понатаму се соочуваат со дискриминација. Лекари одбивале да им пружат здравствени услуги или нивните медицински податоци биле кажувани на трети лица. Поголемиот дел од регистрираните добивале современа терапија, а 40 проценти примале лек кој веќе не се препорачува од СЗО.