Македонија
1. December 2023 - 16:38

2 години и 6 месеци затвор за поранешниот секретар на Владата, треба да врати над 1 милион евра

Две и пол години затвор и да врати на државата скоро еден милион и 200 илјади евра евра. Вака гласи пресудата за поранешниот генерален секретар на владата, Мухамед Зекири, кој одговараше дека со умисла и без тендер ангажирал фирми да направат план за реструктуриање на пошта и железници. За такви договори, според судот, наместо во четири очи, Зекири со закон бил обврзан да распише тендер.

Зекири внимателно ја слушаше судијката додека образложуваше како тој ја злоупотребил функцијата. Надвор од судницата, негираше дека со умисла ги договорил фирмите. Рече дека само го исполнил барањето на вицепремиерот за економски прашања.

Со склучените договори, судот заклучува дека Зекири го оштетил државниот буџет, па побара тој да ја врати и сумата од над еден милион евра. Тоа ќе треба да го стори во рок од шест месеци по правосилност на пресудата.

Зекири најави дека ќе се жали пред повисокиот суд. Ако пресудата ја потврди Апелациониот суд, поранешниот владин секретар, во затвор ќе биде една година, бидејќи тој речиси година и пол мина во притвор.