Македонија
25. јуни 2020 - 14:11

Зибери: Само трет субјект може да ги надмине биполарните тенденции кои ја забавуваат земјава

На земјава и треба фигура која ќе може да интегрира без оглед на политичка, етничка, социјална или друга припадност. Потребен и е субјект кој не припаѓа на ниту на едната, ниту на другата страна, се со цел да се надмине биполарната нетрпеливост меѓу главните субјекти кои претендираат да ја продолжат агонијата во земјава, истакна кандидатот на ДУИ за премиер, Насер Зибери, кој денеска ја посети Спомен Куќата на Мајка Тереза.

Тој смета дека овие биполарни тенденции, кои, според него, ја забавуваат земјава во напредокот, може да ги надмине еден трет субјект кој со својата програма може да ја добие поддршката.

– Во минатото почнувајќи од првиот повеќепартиски Парламент во земјава каде што јас имав чест да сум еден од 120 пратеници, никој во земјава со исклучок на еден четиригодишен мандат каде опозицијата апстинираше од учество на изборите, немало задоволство ни една политичка партија да има мнозинство во Парламентот за да може сама да состави Влада. И да можело, имало периоди таа Влада била секогаш коалициска. Имајќи го предвид ваквиот распоред на силите јас мислам дека можам да бидам кохезивен фактор овие биполарни тенденции кои очигледно дека земјава ја забавуваат во напредокот може да ги надмине еден трет субјект, рече Зибери денеска по посетата на Спомен куќата на Мајка Тереза во одговор на прашање.

Зибери првиот ден од своите активности го почна од меморијалната куќа на Мајка Тереза од причина што како што рече, Мајка Тереза е фигура која значи хуманост, социјална правда, единство и интеграција, но и елиминација на сите неправди и сите можни делби.

– Мајка Тереза за нас претставува патоказ како ние да се однесуваме во иднина и како да го градиме нашето општество, зошто длабоко сум убеден дека почитувајќи ги овие постулати кои ја воделе неа низ целиот свој живот, ние сме поблиску до нашите цели без оглед на етничка, верска, политичка или која било друга разлика што може да ја имаме. Таа го обедини светот со овие постулати, рече тој.

Како што додаде, ние треба да се обединиме меѓу себе, бидејќи според него, имаме перспектива и како држава и како општество, но и како етникуми без оглед дали сме Албанци, Македонци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми или која било друга етничка заедница на оваа земја.

– Јас како можен кандидат за премиер ќе бидам воден од овие хумани постулати, зошто таа мисија која го обедини светот може да значи перспектива за Македонија во иднина, како внатре, така и надвор. Мајка Тереза ја направи оваа земја позната во цел свет. Да се потрудиме ние да ги следиме нејзините чекори за подобра земја, посигурна и поперспективна, а тоа ќе може да се оствари доколку сме обединети и доколку се водиме до овие постулати за стабилна, прогресивна и европска земја, истакна Зибери.