Ракомет
24. April 2017 - 15:20

ЖРК Вардар домаќин на „најдоброто во регионот“

 
 
 Македонскиот ракометен шампион Вардар следните два дена ќе биде домаќини на последниот турнир во Регионалната ракометна - ВРХЛ лига. Како организатор на овој Ф4 турнир „црвено-црните“ се  меѓу фаворитките за освојување на трофејот. Покрај Вардар на овој турнир ќе играат уште и Будуќност, Крим и Подравка.
 
Денеска сите екипи ќе при стигнат во Скопје каде вечерва ќе имаат тренинг, пред утрешните натпревари. На досегашните три турнири првото место го освои Вардар, пред Будуќност, Крим и Подравка. Врз основа на тие резултати беа направени и полуфиналните двојки.
 
Во оваа лига, од четирите клубови учесници, три се поранешни европски прваци, Подравка, Крим и Будуќност. Две екипи, Вардар и Будуќност сега играат на Ф4 турнирот и во Лигата на шампионите. Вардар и Будуќност се единствените тимови што три сезони по ред играат меѓу најдобрите четири во Европа.
 
- Во името на нашиот клуб сакам да го изразам задоволството што сме домаќини на овој Ф4 турнир во ВРХЛ лигата. Имаме три европски прваци во различни периоди на постоењето на ЛШ, и две екипи се сега на Ф4 турирот во ЛШ. Тоа говори колку е силен Балканот во ракометот. Се надевам дека наредната година оваа лига ќе биде уште посилна. Нашите национални првенства се послаби, не само ние туку и кај другите. Нас овие натпревари ни користат и посебно во овој период пред настап на Ф4 во Будимпешта, изјави Гордана Нацева, претседател на ЖРК Вардар.
 
Тренерот на македонскиот шампион Ирина Дибирова на денешната прес-конференција рече дека овие дуели се добра можност за подготовка за претстојниот завршен турнир во Лигата на шампионите.
 
- Оваа регионална лига има свое високо ниво и Подравка свој квалитет. Подравка секогаш беше силен тим, и досега двапати ги победивме во ВРХЛ. Ние сепак без оглед на тие победи одиме напред и сакаме да се пласираме во финалето на Ф4 и да победиме. Важен е и трофејот од оваа ВРХЛ лига и победата, но важно е и како подготовка за Ф4 во Будимпешта, истакна Дибирова.
 
Распоред на натпревари:
 
Вторник, 25 април:
15:30 часот: Вардар - Подравка
18:00 Будуќност - Крим Меркатор.
 
Среда, 26 април:
15:30 Меч за 3 место
18:00 Финале.
 
Натпреварите ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“, а влезот ќе биде слободен.