Македонија
27. December 2016 - 15:32

Жители на Лагадин против градба на хотел, Општина Охрид тврди дека е согласно законот

Објектот што се гради кај туристичката населба Лагадин на источниот брег на Охридското Езеро е во согласност со одлука на Советот на општина Охрид донесена на 14 октомври минатата година, а добиена е и согласност од Министерството за транспорт и врски, позитивни мислења од Јавното претпријатие за државни патишта, од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и мислење без забелешки од Националниот парк „Галичица“.

Ова денеска го истакна Лилјана Јованоска од Секторот за урбанизам при локалната самоуправа на Општина Охрид.

- За предметниот објект е издадено уредно одобрение за градба и е во целост испочитувана постапката предвидена со Законот за градење, истакна Јованоска, појаснувајќи дека се работи за градба со приземје и три ката, хотел со 11 апартмани и шест соби со вкупно 34 легла и со обезбеден сопствен паркинг-простор.

Јованоска рече дека во постапката се добиени мислења и согласности од НУ „Завод и музеј - Охрид“, водостопанска согласност издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од друга страна, жители на Лагадин заедно со невладината „Охрид СОС“ покренаа онлајн петиција против изградбата на објектот, со забелешки дека се наоѓа на растојание помало од 50 метри од езерото што според нив е противзаконски, тврдејќи дека објектот е со спорни димензии особено висината, како и оти решението за изградба на хотелот било донесено незаконско без согласност на Министерството за животна средина и Министерството за транспорт и врски.

Тие тврдат дека за изградба на хотелот не била консултирана јавноста, ниту има направено стратешка оцена за влијание врз животната средина.