Македонија
31. January 2020 - 16:53

Жена од Штип била водена како сомнителен случај на корона вирус - анализите покажале присуство на грип

Лажна тревога за корона вирус во Македонија. Според информации на Сител Штипјанец пред месец дена се вратил од Кина, а во меѓувреме неговата сопруга добила висока температура, еден од симптомите карактеристични  за новиот вирус. Здравствените власти веднаш се мобилизирале и почнале да испитуваат за што точно се работи, но лабораториските анализи покажале дека жената имала грип и сега нејзината здравствена состојба е стабилна. Случајот го потврди и министерот Филипче. Иако коронавирусот е распространет во повеќе земји, засега нема информации македонски државјани да биле во контакт со заболен или сомнителен случај.

-Немаме таков случај, имавме само еден случај во Штип, но се потврди дека станува збор за грип, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

По прогласувањето на коронавирусот за глобална здравствена закана, а најголема опасност има кај земјите со послаб здравствен систем, Филипче уверува дека земјава е подготвена да се справи со предизвикот. Од понеделник на дневна основа ќе ја информираат јавноста за се што преземаат и дали има најава за доаѓање на граѓани кои биле во подрачја каде има заболени.

-Го спремивме целокупниот здравствен систем, здравствениот кадар во однос на инфраструктурата, во однос на опремата. Чекор или два сме напред да се справиме со овој предизвик. Иако далеку сме од тој ризик- рече Филипче.

Претставничката на СЗО во земјава, по состанокот со Комисијата за заразни болести изјави дека треба да бидеме будни зошто се работи за нов вирус, но нема потреба од паника.

- Земјата и здравствените интситуции имаат капацитет да се справат со брза детекција и да се спречи ширењето на вирусот,изјави д-р Жихан Тавила, претставник на СЗО во земјава.

Досега од корона вирусот починаа над 200 лица, а повеќе од 10.000 се заразени. Покрај во Кина, 140 заболени има во други држави меѓу кои Италија, Британија, Русија. Во меѓувреме излекувани се повеќе од 130 пациенти.