Бизнис
3. March 2017 - 8:15

Железничкиот сообраќај нормализиран, прекинат протестот на вработените

Откако вчера попладне почнаа да сообраќаат товарните возови по постигнатиот договор меѓу вработените и раководството на Македонски железници, утрово профункционира и патничкиот железнички сообраќај. Со тоа се прекина двонеделниот протест на вработените во Македонски железници.

Претставникот на машинскиот пресонал во Македонски железници Транспорт Душко Чакароски вчера по средбата со в.д директорот на МЖ Транспорт Игор Коруноски изјави дека машиновозачите се задоволни од постигнатиот договор и оти линеарно ќе им бидат исплатени по 10.000 денари од вториот дел од платата за јануари.

- Договорено е платата за февруари да биде исплатена до крајот на март за да не бидеме доведени во ситуација на 5 април повторно да го блокираме железничкиот сообраќај, изјави Чакаровски.

Претходно, одлука да се вратат на работа донесоа и вработените од работилницата за одржување во МЖ Транспорт. Како што изјави Ѓоко Илиески од иницијативниот одбор за протестот, со Коруноски договориле втората половина од платата јануари да ја добијат во текот на следната недела, а платата за февруари да се исплати целосно до крајот на овој месец.

Поради протестот целосно беше блокиран патничкиот и товарниот железнички сообраќај. Во текот на протестот оставка даде генералниот директор на МЖ Транспорт Никола Костов, а за в.д директор беше поставен Игор Коруноски.

Покрај раководството на МЖ Транспорт  апели да прекине протестот поради штетите и за железницата и за стопанството упатија  Владата, Министерството за транспорт и врски, како и компаниите коминтенти  од коишто дел информираа дека ќе бидат доведени во ситуација да го прекинат производството затоа што преку железницата ја вршат главната набавка на суровините.