Македонија
25. January 2021 - 11:01

Зголемен водостојот на Преспанското Езеро

За еден сантиметар е зголемен водостојот на Преспанското Езеро во однос на вчера, со што езерото за 32 сантиметри го има надминато апсолутниот минимум, при што нивото е за 1,35 метри пониско од просекот за јануари.

Според последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), водостоите на останатите две природни езера се исти како вчера, но нивото на Дојранското Езеро е за 3,01 метри повисоко од повеќегодишниот просек за овој месец, додека водостојот на Охридското Езеро е понизок за девет сантиметри од просечниот.

Повисоки од просечните се и водостоите на речиси сите реки во земјава и бележат дополнително зголемување во споредба со вчера. Исклучок се реките Струмица на мерното место кај Ново Село и Црна Река кај Р.Б. Мост каде водостојот е понизок од просечниот, иако и кај Црна Река е поголем во споредба со вчерашниот. Најголем пораст на нивото има реката Треска на мерното место кај Македонски Брод каде водостојот е зголемен за повеќе од трипати во споредба со вчерашниот.