Бизнис
22. February 2016 - 13:06

Зголемен интересот за земјоделско и животно осигурување

Зголемен е интересот за земјоделско осигурување. Oд првичните четири, сега функционираат седум осигурителни друштва во овој сектор, а бруто полисираната премија во 2015 година била за 60 отсто повисока во однос на 2014-та, беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора.

Еден од клучните проблеми и натаму е недостигот на комплетна документација што земјоделците мора да ја поседуваат кога станува збор за осигурувањето. Поради тоа и брокерите не се активни на терен.

- Наидовме на проблем со документацијата што треба да ни ја достават земјоделските осигуреници, околу сопственоста на површините со кои располагаат и какви култури се засеани. Се покажа дека податоците не кореспондираат и ние не можеме да преземеме таква одговорност, да влегуваме во ризици, истакна Златко Михајловски од Асоцијацијата на брокерски друштва при Комората.

Според Климе Поповски од Агенцијата за супервизија на осигурување, последнава година е забележан пораст и на животното осигурување, за 23 отсто. Зголемен е бројот на осигурителни компании, но и на продажбата на осигурителни продукти. Осигурителниот пазар во Македонија, оцени Поповски, има голем потенцијал кој во иднина се очекува да биде уште поискористен, а сегашните бројки да се зголемат.

Сепак, информираноста на граѓаните за осигурителните производи се уште не е на потребното ниво.

- Очекуваме во претстојниот период осигурително-брокерските друштва (ОБД) повеќе да бидат вклучени во незадолжителното осигурување, да бидат поактивни во едукација на населението со цел поголема транспарентност и фер информирање на потенцијалните осигуреници особено за цените на понудите кои најчесто се многу комплексни поради што и се тешко разбирливи, да бидат поприсутни во сервисирањето на штетите, како и да го зголемат своето учество во посредувањето преку креирање веб-портали кои ќе им го олеснат на потенцијалните клиенти избирањето осигурителен продукт, нагласи Поповски.

Тој апелира дека ако некој осигуреник не е задоволен од исплатата на штетите, може да се обрати до Агенцијата за супервизија. – Секоја пријавена штета треба да е ликвидирана за 14 дена, но само ако доставената документација е комплетна, нагласи Поповски, додавајќи дека многу често осигурениците не си ги знаат обврските.

Лани, како што рече, до Агенцијата  се доставени над 100 претставки од кои повеќето се решени во корист на осигурениците.

Во 2015 година во Македонија се евидентирани 31 ОБД за разлика од 2013 кога биле 26, додека бројот на лиценцирани брокери од 334 во 2013-та е зголемен на 440 во 2015. Најголемо учество во продажбата на полиси за осигурување зазема продажбата преку осигурителни посредници.