Македонија
11. April 2017 - 11:02

Земјотрес од 5 степени ја стресе Македонија

Последните земјотреси кои во последните три дена се почувствуваа во Македонија, повторно ги наполнија социјалните мрежи со „црни сценарија“. Сеизмолозите од опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, велат дека стравот на граѓаните од земјотресите повторно им ги вжешти телефонските линии со прашања.
 
Но, од Опсерваторијата велат дека земјотресите се природна појава, ниту може да се најават ниту да се претчувствуваат, единствено може да се измерат кога ќе се случат.
 
Двата земјотреса, едниот со епицентар во Албанија, другиот во Грција биле почувствувани со умерена јачина во изминативе два дена во Македонија, велат од Опсерваторијата. Двата земјотреса потекнуваат од сосема различни епицентрални подрачја и не се зависни еден од друг. Првиот на 8 април во 15 часот и 53 минути, чиј епицентар беше на 100 км западно од Скопје во соседна Албанија, со Рихтерова магнитуда од 5,0, најсилно беше почувствуван кај нас во Дебар со интензитет од 5 степени според Европската макросеизмичка скала, во останатите делови од северозападна Македонија со интензитет од четири степени, а во Скопје, Охрид и Kичево со интензитет од три-четири степени според истата скала. Вториот, на 9 април, утрината во 7 часот и 40 минути чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Мрежичко и беше на 110 километри јужно од Скопје на самата границата со соседна Грција, со Рихтерова магнитуда од 3,9, а беше почувствуван во јужните делови и тоа во Прилеп, со интензитет од четири степени според Европската макросеизмичка скала.
 
Два умерени земјотреса, од различни епицентрални подрачја, оддалечени 100-ина километри. - Тектониката на медитеранскиот појас е една од најсложените, а се должи на интеракцијата на неколку глобални тектонски плочи, африканската, евроазиската и арабиската плоча. Движењата на овие плочи и напрегањата кои ги предизвикуваат резултираат со земјотреси во подрачјето на Медитеранот.
 
Со оглед на тоа што овие земјотреси се наоѓаат на посебни раседи и раседни структури не може да се зборува за нивна директна поврзаност. Место за паника секако дека нема, посебно што станува збор за слаби до умерени земјотреси кои освен вознемиреност кај населението не можат да предизвикаат материјални штети. Не постои причина за загриженост, сево ова е во рамките на нормалната сеизмичка активност на територијата на Македонија и пограничните подрачја, вели Драгана Черних-Анастасовска, раководител на сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.
 
Од опсерваторијата завчера регистрирале уште еден, од оваа мала серија земјотреси, кои имал епицентрално подрачје во скопската околина, со јачина од 2,7 степена според Рихетеровата скала. Михаил Гаревски од Институтот за земјотресно инженерство вели дека последниот трет земјотрес е афтершок на силниот земјотрес од 11 сепрември минатата година, кој го стресе посериозно Скопје по 54 години, или по големиот земјотрес во 1963 година. - Земјотресот лани во септември, секако беше послаб од тој во јули 1963 година, но граѓаните убаво го осетија и се уплашија, со право. Во тој период беа актуелни и замјотресите во Италија, па за паника беше потребно и малку. Но, земјотресот со јачина од 5,2 степени според Рихтер, не е слаб или умерен, затоа по него е сосема природно земјата да се празни од енергии и тоа понекогаш и во следните неколку години. Така, со сигурност тврдам дека земјотресот кој се случи од пред некој ден со епицентар како ланските септемвриски, е афтершок на силниот земјотрес од 11 септември минатата година, вели Михаил Гаревски, директор во ИЗИС.
 
ЛАНИ ВО СЕПТЕМВРИ ИМАЛО 12 ЗЕМЈОТРЕСИ ЗА ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ
 
 
 
 Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, на 11 и 12 септември 2016 година во Скопје и околината се 12 потреси, а најсилниот, бил во 15.10 часот со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на најсилниот земјотрес беше на 7 километри источно од Скопјe