Бизнис
10. January 2020 - 16:47

Земјоделец обинува дека не му била исплатена оштета поради невреме

Земјоделецот Екрем ги скара министерот за земјоделство од власта и заменикот од опозицијата.

Тој на заменскиот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ му се пожали дека сè уште не му била исплатена оштета за 600 овошни насади уништени од невремето во 2016 година. Обвинува дека штетата проценета на околу 10.000 евра намерно не му била исплатена бидејќи немал партиска книшка.

“Проценка имам за оштетата, колку има да се плати. Сè е во ред со документите. Ме влечат скоро три години, дојди утре, дојди задутре, после месец, после два... И до сега ништо, никаков одговор. Јас им барам барем решение да ми дадат дека не ми следуваат ако е така. Партиски книшки ми бараат”, вели Екрем Јаји, земјоделец од скопско Брњарци.

Заменскиот министер Трипуновски се сомнева дека ова не е единствен случај.

“Од она што можам да го видам од документацијата што ми ја приложи е дека Министерството, Платежната агенција, дури и кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев си ги префрлаат надлежностите и едноставно го манипулираат Екрем со неговите заслужени пари. Јас го охрабрив Екрем и сите кои ќе го гледаат ова да повелат во Министерството”, рече заменскиот министер Цветан Трипуновски.

Од кабинетот на министерот ги демантираат обвинувањата и апелираат да не се манипулира со земјоделците и да не се користат за партиско-политички цели.

“Целокупната документација е доставена до Платежната Агенција. Од страна на Агенцијата е утврдено дека земјоделецот има пријавено несоодветен број на овошни садници во однос на големината на катастарските парцели. Од овие причини е побарано дополнителен инспекциски надзор од Државниот инспекторат за земјоделство, од каде е констатирано дека странката има узурпирано државно пасиште, на кое има посадено садници”, пишува во демантот од кабинетот на министерот.

Оттаму велат дека за случајот се води и судски спор, што е една од причините зошто до сега не се исплатило обештетувањето на земјоделецот Екрем.
Инаку, во август 2016 година, скопскиот регион беше погоден од силно невреме, а поплавите речиси целосно ги уништија посевите на земјоделците. Според регистарот, во скопската околија евидентирани се повеќе од 2.000 земјоделци.