Бизнис
14. July 2015 - 19:51

Земјоделците ќе можат полесно до кредити преку гарантниот фонд

Македонските земјоделци во следните десет години ќе може многу полесно да дојдат до кредити од комерцијалните банки.  Олеснувањето се должи на договорот за воспоставување на гарантниот фонд за земјоделство и рурален развој кој министерството за земјоделство го потпиша со УСАИД.

Благодарение на фондот преку кој ќе се пласираат кредити во висина од 20 милиони американски долари на земјоделците ќе им требаат и помали гаранции за 50 % во однос на досегашните. Министерот за земјоделие Михаил Цветков смета дека на овој начин значително ќе им се помогне на земјоделците,  посебно ако се земе во предвид дека во руралните средини е многу потешко да се обезбеди гаранција за одреден кредит. За полесно искористување на гарантниот фонд министерството предвидува и дополнителни олеснувања за земјоделците.

- Веќе имаме предлог до Владата на Република Македонија каматните  стапки кои што ќе бидат на овие кредити, а тие се некаде од 4 % до 8%  ние 50% да  ги субвенционираме, така да земјоделците плаќаат камата некаде од 2 до 4 проценти. Потоа сите оние услови кои што беа до сега потребни за да бидат исполнети, а кои што цениме дека нема потреба и како такви ја обременуваат самата апликација ние веќе дадовме предлог до Европската комисија и се надевам дека сега во јули ќе ни биде усвоено и тоа ќе бидат минимални услови, вели Михаил Цветков – министер за земјоделие.

Дополнителна помош за земјоделците ќе биде и административната поддршка од страна на ресорното министерство.  Со цел да им се излезе во пресрет на сите заинтересирани во подготовката на проектите  министерството распишало тендер за изработка на сите основни проекти за кои може да аплицираат земјоделците. 

Во меѓувреме се формира и тим од 70 агроинженери  кои ќе бидат распоредени во сите подрачни единици каде што ќе може да се најдат и подготвените проекти. На земјоделците останува единствено одлуката за каков проект и кредит ќе аплицираат, а сите админитративни работи ќе ги заврши телото формирано од страна на министерството.