Бизнис
15. February 2019 - 19:52

Земјите од регионот имаат подбри услови за новите инвеститори

Без стабилно бизнис опкружување компаниите тешко ќе се одлучат да инвестираат во земјава, велат од Американската комора. Според нив, деловната клима не ги поттикнува компаниите да растат и повеќе да инвестираат. Тоа го потврдува и истражувањето на УСАИД, чии резултати покажуваат дека 35% од компаниите сметаат дека бизнис климата во Македонија е полоша споредено со другите земји од Западен Балкан. Додека, само 12% од нив велат дека кај нас условите за работа се подобри.

“Тоа мислам дека е резултат на невообичаено долгиот политички процес што го имавме тука, кој што создаде доста големи очекувања, меѓутоа се гледа дека во преодниот период многу работи не се променети. Прво, се разбира дека треба да има една сигурност, една предвидливост, транспарентност и владеење на правото во државата за да може приватниот сектор да верува дека ако работат според прописи дека сè ќе биде во ред”, вели Дијана Десподов, извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија.

Од Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев се сложуваат со тоа дека политичката неизвесност ја намали вербата на инвеститорите во земјава.

“Нестабилната политичка сосотојба во 2016 и 2017 година, придонесе дел од компаниите да почнат негативно да размислуваат за бизнис климата во земјата, што е и разбирливо, но денес, со пристапувањето на НАТО и спроведувањето на реформите за членство во ЕУ, политичката состојба е целосно стабилизирана, што придонесе за уште подобра бизнис клима, која во 2018 година покажува тенденција на раст. Резултат на политичката и економската стабилизација е највисокото ниво на странски директни инвестиции во првите три квартали на   2018 година во однос на претходните години”, објаснуваат од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.

Бизнисот реагира и за начинот на носење на законската регулатива

“Приватниот сектор да се слуша од време на време затоа што повратниот ефект што го даваме на законите што имаат ефект врз економијата навистина доаѓаат од прва рака. Тоа се практичарите што всушност ги живеат и ги имплементираат тие закони. Значи, ако приватниот сектор каже дека некој закон може да биде проблематичен и може да го забави или да го стопира растот, тогаш мислам дека треба тие мислења да се земат предвид”, вели Дијана Десподов.

Од Кабинетот на вицепремиерот, пак, велат дека токму на ова поле Македонија бележи значаен напредок.

“Не треба да се занемари и споредбата со 2016 година, кога дури 53% од анкетираните компании се изјасниле дека бизнис климата била полоша, што претставува подобрување од значителни 18%. Подобрувањето во голема мера се должи на поголемата вклученост на компаниите во процесот на носење на бизнис регулативата”, се вели во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.

Во истражувањето беа опфатени 518 фирми, како домашни така и странски.