Свет
7. March 2016 - 20:59

Земан: За месец, два границите може да бидат затворени под притисок на мигрантите

На прашањето дали како Врховен командант на вооружените сили размислува за затворање на границите заради постојаниот притисок од мигрантите, чешкиот претседател Милош Земан изјави дека тоа може да се очекува за еден или за два месеци, јави дописникот на МИА. 

- Нема причина сега непотребно да се зголемуваат трошоците со затворање на границите, рече Земан, според кого статистиките на министерот за внатрешни работи Милан Хованец покажуваат дека на тлото на Чешка се задржуваат околу десет мигранти неделно.

Тој додаде дека кога бројките на бегалците ќе почнат да растат, за еден или два месеци тогаш ќе треба да се повика не само Армијата и полицијата, туку и доброволците пожарникари кои се околу 6.000.

Земан додаде дека мигрантите досега имаа слободен пат преку Балканот и Австрија до Германија и не се задржуваа преку чешката територија.

- Тоа се разбира може да се смени, кога Австрија и Германија ќе ги затворат границите и таа тенденција постои. Тогаш ние ќе станеме транзитна земја и што е полошо, Германија ќе почне да ги враќа економските мигранти, кои преку нас дошле таму. Ние ќе мора да ги сместуваме во прифатилишта и затоа најдобро да не ги пуштаме воопшто, оцени Земан.

Тој рече дека Армијата и полицијата е подготвена до шест часа да ги затвори граничните премини, а до 48 часа и т.н зелена граница, шумските патчиња и слично.